Сали за лекот за Благојче: Факт е дека и покрај барањето на МЗ, ниту Владата, ниту Ковачевски до вчера, не одлучија да се обезбедат средствата

9.02.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Сали за лекот за Благојче: Факт е дека и покрај барањето на МЗ, ниту Владата, ниту Ковачевски до вчера, не одлучија да се обезбедат средствата

Не ми е јасен обидот за префрлање на вината кон МЗ, кога ниту обезбедувањето средства, ниту набавката на лекот не се во наша надлежност. Средствата се обезбедуваат од Фондот за здравствено осигурување, а набавката ја спроведува соодветната клиника. Но, дури ни тие не можат да постапат без одлука на Владата или без налог на премиерот, вели министерот за здравство Беким Сали, откако денеска премиерот го прозва за одговорност по смртта на Благојче Илиевски пациентот со цистична фиброза.

Ја користам приликата да изразам најдлабоко сочувство до блиските на починатиот Благојче Илиевски. Навистина сум потресен што се случи ваква трагедија, и ниту едно објаснување или изјава од политичар нема да го врати тој живот, напиша на својот фејсбук профил министерот за здравство Беким Сали.

Сепак, не можам да премолчам, ни како човек, ни како министер, кога врз грбот на една ваква трагедија се прави евтин обид за политички поени. Затоа, еве ги фактите.

(1) Факт е дека Министерството за здравство уште на 27.01 од Владата побара да се обезбедат средства за нова набавка на терапија за пациентите со цистична фиброза.

(2) Факт е дека и покрај барањето на МЗ, ниту Владата на РСМ, ниту премиерот Ковачевски лично, до вчера, не одлучија да се обезбедат тие средства.

(3) Факт е дека лек во доволни количини нема заради недонесувањето на таа одлука, а не заради МЗ, вели Сали.

Според него е неодговорно да си ја префрлаат одговорноста.

–  Кога би сакале да се натпреваруваме со политички изјави, јас исто така би можел да одговорам со прашање: дали некој, кој, и покрај барањето на МЗ, не одобрил средства за лек на пациенти со ваква тешка болест, смета дека може да си го продолжи мандатот. Би можеле да прашуваме и дали можеби премногу време и внимание се потроши на коалициски преговори, додека пациентите чекаа. Сепак, сметам дека ваквите популистички изјави се неумесни во ваква прилика.

Јас знам дека политиката е сурова професија, но ние сепак имаме обврска да го задржиме достоинството и човечноста. Сепак, сите ние сме потенцијални пациенти на јавното здравство, и мора да имаме чувство за маките на нашите сограѓани, без разлика на ограничените ресурси, напиша Сали.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата