Пронајдени се тајни документи во куќата на поранешниот потпретседател на САД, Пенс

24.01.2023
Vesnik.com
Пронајдени се тајни документи во куќата на поранешниот потпретседател на САД, Пенс

Адвокатот ги предал тие доверливи документи на ФБИ, а ФБИ и Одделението за национална безбедност на Министерството за правда покренаа преглед на документите и истрага за да се утврди како документите завршиле во домот на Пенс.

Пенс претходно во неколку наврати ги негираше наводите дека поседува доверливи документи. Сè уште не е јасно на што се однесуваат овие документи и кое е нивното ниво на чувствителност. Пенс наводно побарал од својот адвокат да ја претресе неговата куќа како мерка на претпазливост, па минатата недела адвокатот почнал да прегледува четири кутии складирани внатре и пронашол мал број доверливи документи.

Адвокатот на Пенс веднаш го известил Националниот архив, а Архивот потоа го известил Министерството за правда. Адвокатот на Пенс потврди дека таа вечер ФБИ веднаш побарало повлекување на доверливите документи, а Пенс не се спротивставил. Агентите од теренската канцеларија на ФБИ во Индијанаполис ги подигнале документите од домот на Пенс.

Вчера, правниот тим на Пенс ги вратил кутиите назад во Вашингтон и ги предал во Националниот архив за да може остатокот од материјалот да биде прегледан за усогласеност со Законот за претседателски документи. Претставникот на Пенс, Грег Џејкоб, испрати писмо до Архивот во кое тврди дека „мал број доверливи документи“ ненамерно биле во кутии и пренесени во домот на поранешниот потпретседател.

  „Потпретседателот Пенс не беше свесен за постоењето на чувствителни или доверливи документи во неговата лична резиденција. „Потпретседателот Пенс ја разбира големата важност за заштита на чувствителни и доверливи информации и е подготвен целосно да соработува со Националниот архив и да одговори на прашањата“, напишал Џејкоб.

Неименувани извори изјавиле за Си-Ен-Ен дека доверливиот материјал бил складиран во кутии кои прво отишле во привремениот дом на Пенс во Вирџинија пред да бидат преместени во Индијана. По откривањето на доверливите документи, кутиите во кои се наоѓале биле ставени во сеф лоциран во куќата.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата

;