Норвешки остров сака да стане првата зона без време

20.06.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Норвешки остров сака да стане првата зона без време

Жителите на еден мал норвешки остров се надеваат дека ќе го победат времето со тоа што целосно ќе го елиминираат концептот на време, пренесува „Еуроњуз“.

Дел од жителите на Сомарој, остров што се наоѓа западно од Тромзо и северно од Арктичкиот круг, водат кампања со цел нивниот остров да стане првата светска зона без време.

Тие ги повикуваат на елиминирање на работните часови на островот, со што на жителите би им се дозволило да „прават што сакаат, кога сакаат“, бидејќи нивниот однос кон времето е различен од било кое друго место на светот, велат тие.

Во текот на зимата, островот цели два месеци е во целосен мрак, додека пак в лето сонцето воопшто не заоѓа цели два месеци – од 18 мај до 26 јули.

„Како да го мериме времето во лето кога нема ноќ? Епа, токму поради оваа причина го правиме ова!“ напишаа тие на нивната страница на „Фејсбук“ Time-Free Zone (Зона без време). „Овде во зоната без време, Сомарој уживаме во секој момент од Полноќното сонце и да, кафе со пријателите во 2 часот по полноќ е сосема нормално“.

Кампањата ја поднесе својата петиција до локалниот пратеник, Кент Гудмундсен, минатата недела. Тој изјави дека идејата за зона без време звучи „возбудлива“ и дека можеби владата, наместо да избира меѓу летно или зимско сметање на времето, треба да ја земе предвид кампањата како трета опција.

Посетителите на островот ја поддржуваат идејата, а некои од нив дури и ги закачија своите часовници на мостот што води до островот.

 

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата