ЛЕКАРИТЕ СИ ЗАМИНУВААТ, ВЛАСТА АНАЛИЗИРА - ветените покачувања на „стенд бај“

20.06.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЛЕКАРИТЕ СИ ЗАМИНУВААТ, ВЛАСТА АНАЛИЗИРА - ветените покачувања на „стенд бај“

Над 200 здравствени работници од стартот на годинава заминале на работа во странство. И покрај напорите на власта да го задржи стручниот кадар во земјава, ниските плати и лошите услови за работа се пресудни квалификуваните лекари, во трка за подобар живот да ја напуштаат Македонија. Власта, пак допрва ќе прави анализа на буџетот како да ги покачи платите на докторите, анализира ТВ АЛФА.

„Во овој момент се прават пресметки за тоа колкава сума на пари од централниот буџет треба да се одобри и да се зголемат дополнително платите на лекарите специјалисти, со цел согласно нашите ветувања следната година да стигнат до 100 илјади денари. Не ги забораваме и медицински сестри и средниот персонал кој е составен дел во работата на сите јавни здравствени институции за зголемување и на нивните примања“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Незадоволни се и матичните лекари. Тие со месеци бараат реформи во примарното здравство и промена на принципот на наплата. Велат – оваа влада ни вети по 90 денари капитациски бод, но од ветеното нема ништо. Ако со најавеното покачување не добијат по 20 отсто повеќе и кај нив се заканува клуч на врата.

„Последното покачување беше во 2016 година. Оваа Влада вети дека капитацискиот бод ќе биде 90 денари. Се уште сме на старото покачување од пред три години со 55 денари капитациски бод. Бараме најавеното покачување да биде минимум 20 отсто“, вели доктор Лилија Чолакова Дервишова – Претседател на Здружението на матични лекари

Инаку, истражувањата кои ги спроведе Клубот на млади лекари меѓу студентите по медицина покажале фрапантни резултати – дури 1200 лекари, главно на возраст до 35 години, за неколку години ја напуштиле Македонија. Дополнително, речиси половина од студентите по медицина, паралелно со студиите почнуваат да го изучуваат и германскиот јазик, со цел својот професионален ангажман да го стартуваат во Германија.

ИЗВОР: ТВ АЛФА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата