Филипче: Унапредувајќи ја регионалната соработка ја подобруваме грижата за пациентите

20.06.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Филипче: Унапредувајќи ја регионалната соработка ја подобруваме грижата за пациентите

Во рамки на овогодинешното македонско претседавање со Здравствената мрежа на Југоисточна Европа, на 20 и 21 јуни во просториите на Министерството за надворешни работи се одржува редовниот 41. Пленарен состанок на ниво на националните координатори на државите членки, нејзините партнери, како и други високи гости и пријатели на оваа регионална организација со седиште во Скопје.

Како што информираат од владината прес-служба, главна тема покрај редовните активности на регионалната иницијатива е и еден од најголемите предизвици во регионот, а тоа е спречување на процесот на заминување на младата работоспособна сила од областа на медицината.

Министерот за здравство Венко Филипче во своето поздравно обраќање истакна дека системот за Примарна Здравствена Заштита (ПЗЗ) е камен-темелник на нашите здравствени системи.

„Горд сум што можам да напоменам дека и на национално ниво и во текот на минатата година ја унапредувавме ПЗЗ како суштински столб за одржливи и издржливи здравствени системи и од клучно значење за здравствената безбедност и подготвеноста за итни случаи. Во месец февруари 2019, заедно со Светската здравствена организација го организиравме Националниот форум за здравство „За поздрав живот: патот до квалитетна и ефикасна примарна здравствена заштита во Република Северна Македонија“. Нашата држава е првата земја во светот која го зајакнува системот на спроведување на примарната здравствена заштита, врз основа на Декларацијата од Астана која беше усвоена во октомври 2018 година“, изјави Филипче.

Тој потенцираше и дека преку вработувања, зголемувања на платите, едукации и грижа за здравствениот кадар, ќе се задржат лекарите да останат во државата и да работат во јавното здравство, а со тоа да се намали одливот на работната сила.

Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски ја потврди активната улога на земјава во овогодинешното претседавање со влијателната регионална иницијатива, која е единствена од овој профил во делот на Југоисточна Европа.

„Темата за здравствените политики и изнаоѓањето на заеднички решенија и мотиви за унапредување на севкупниот простор од областа која е дел од многуте повелби и декларации, тргнувајќи од ООН преку ЕУ и други најголеми светски организации е една од највлијателните и клучни елементи кои во последно време заземаат се повеќе интерес од сите граѓани во нашите држави“, рече Жерновски.

Состанокот е во рамки на овогодинешното македонско претседавање (јули 2018 – јуни 2019) со Здравствената мрежа на ЈИЕ, а во координација со Извршниот Комитет и Секретаријатот на оваа регионална организација.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата