Од 1 декември ЌЕ МОРА ДА ГИ НАМАЛАТ ЦЕНИТЕ сите што користеле субвенции за струја

24.11.2022
Vesnik.com
Од 1 декември ЌЕ МОРА ДА ГИ НАМАЛАТ ЦЕНИТЕ сите што користеле субвенции за струја

Од 1 декември сите компании кои можеа да ја користат мерката за субвенционирано снабдување со електрична енергија по цена од 80 евра за мегават час ќе треба да ги намалат цените на производите.

Ова го изјави министерот за економија Крешник Бектеши во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата и додаде дека веќе има тренд на намалување на цените на одредени производи

-Станува за околу 1.000 компании од кои околу 600 се мали пекарници а само 180 се големи производители, рече Бектеши.

Тој рече дека за оние кои нема да користат повластена цена на струјата ќе следат други мерки кои ќе се донесат во случај да не ги намалат цените.

– Согласно Законот за трговија можеме да донесеме мерки во време на криза за замрзнување на цени, одредување на маржи, и слично. Ги имаме листите и Државен пазарен инспекторат ќе врши соодветни контроли, изјави Бектеши.

Оцени дека помалиот интерес од планираниот за субјектите од прехранбениот сектор можеби се должи на тоа што голем дел од нив веќе маат склучено договори за снабдување со електрична енергија. Од планираните околу 1.000 субјекти само 235 до вчера поднесоа барање до АД ЕСМ за субвенционирано снабдување со електрична енергија по повластена цена од 80 евра за мегават час од 1 декември.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, порача дека мерките за субвенционирана електрична енергија за компании кои произведуваат основни прехранбени производи се направени со цел за најмалку за 10 проценти да се намалат цените на таквите производи.

-Цената на електричната енергија се субвенционира и за основни и средни училишта за да се обезбеди непречено функционирање на образовниот процес, бидејќи не смее да дозволиме децата повторно да седат дома. Се субвенционира и за здравствените установи за да имаат непречено снабдување со електрична енергија и за водоснабдителните претпријатија кои работат со пумпи и пречистителни станици за урбани води за да не останат граѓаните без нивните услуги, рече Ковачевски.

 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата

;