Избори во обвинителството брифираат дека во моментов се водат жестоки преговори меѓу ДУИ и СДСМ за шеф на обвинителството за организиран криминал да биде избран обвинител кој важи за близок на пратеник на ДУИ во Собранието.
Обвинителот кој го предлага ДУИ под притисок на нивниот моќен и исклучително богат пратеник, не е многу познат во јавноста а дваесетина години е дел од јавното обвинителство.
За него нема големи афери ниту скандали но многумина го сметаат за исклучително близок на пратеникот на ДУИ кој во моментов се соочува со повеќе истражни дејствија од различни институции кои работат на борба со корупција и криминал.
Според неофицијалниот брифинг од обвинителството ДУИ врши досега невиден притисок да биде избран овој обвинител најверојатно се цел да бидат запрени или извртени неколку процеси во кои се заплеткани пратеникот и неколку други функционери на ДУИ поврзани со потенцијални случаи на организиран криминал.
Засега СДСМ одбива да ,,го даде” местото кое и беше одземено на Вилма Русковска, со образложение дека оваа позиција ќе треба да ја избере новиот државен јавен обвинител кој ќе биде назначен од владата по заминувањето на Љубомир Јовески во уставниот суд.