Ова беше сцената на која наидоа Наполитанците во понеделникот попладне, кога дел од зградата во која беа сместени погребните ниши на нивните најстари гробишта се урна поради обилниот дожд.
Но, сцената им е веќе позната на Наполитанците.
Во јануари нешто слично се случи и во друг дел од градот. Граѓаните, пак, го обвинуваат лошото управување со градските гробишта за создавање урнатини, во кои се претворија надгробните споменици на нивните најблиски.
Најмалку десетина ковчези останаа да висат во воздухот откако дел од мермерна зграда се урна на најстарите гробишта во Неапол. Поради тоа, властите го ограничија движењето на гробиштата Поџореале и започнаа истрага.
Бидејќи во понеделникот попладне областа беше затворена за посетители, во несреќата нема повредени.
Советникот од Неапол, Винченцо Сантагада, кој е одговорен за одржување на гробиштата, бил во близина во моментот на инцидентот. „Пред зградата да се урне, имаше силен тресок, проследен со густ облак од прашина“, опиша тој.
Воедно нагласи дека управата ќе се погрижи за сите формалности околу оштетувањето и повторното закопување на откриените ковчези. Ден потоа, односно во вторник, револтирани и шокирани граѓани се собраа на протест пред гробиштата, обвинувајќи ја за штетата управата на гробиштата, која воопшто не ги одржува тие површини.