Почина актерот Роби Колтрејн, кој го играше Рубеус Хагрид во филмовите за Хари Потер.
Познатиот актер, кој го одбележа детството на многу генерации, не напушти на 72 години.
Актерот неодамна бил тешко болен, како што пренесуваат странските медиуми.
„Роби веројатно ќе биде најдобро запаметен во следните децении како Хагрид… улога што им донесе радост на децата и на возрасните, а за Хагрид тој добиваше куп пораки од обожавателите секоја недела повеќе од 20 години“, рече неговиот агент.
Ѕвездата од „Хари Потер“, „Џејмс Бонд“ и „Крекер“ почина во болница во близина на неговиот дом во Ларберт, Шкотска.
Тој уживаше огромна популарност откако го играше џиновскиот волшебник, стекнувајќи светска слава и признание за неговото трогателно пријателство со Хари Потер кој го игра Даниел Редклиф.