Наша заложба е платата на лекарите наредната година да достигне 100 илјади денари. Само на овој начин ќе го вратиме достоинството на здравствените работници и ќе им овозможиме фер услови за работа, велат од Министерството за здравство.

Од таму велат дека новиот Закон за лекарска дејност има цел да ги подобри условите за работа на здравствените работници, но и со закон да ги заштити правата и обврските на медицинската фела. За нацрт-текстот за Законот за лекарска дејност, кој е поставен на ЕНЕР – Единствен национален електронски регистар на прописи, забелешки може да дадат лекарската фела, невладиниот сектор и граѓаните.

Клучно во законот, велат од МЗ, е што на лекарите им се остава можноста за саморегулација, што значително ќе го подобри квалитетот на услугите на лекарите, како и поголема контрола во рамки на системот на лекарската комора на лекарите и нивната практика. Со овој закон, додаваат од Министерството, во суштина се зајакнува степенот на издавање лиценци и ќе биде исклучено секакво влијание однадвор.

„Лиценците за вршење лекарска дејност ги издава Лекарската комора, која води регистар и е евидентирана во Централниот регистар како правно лице. Лекарите за полагање стручен испит спроведуваат пробна работа. На лекарите со завршени петгодишни студии, пробната работа им трае една година, а за завршени шестгодишни студии пробната работа трае шест месеци. Лекарите специјалисти имаат право на дополнителна дејност, согласно прописите за здравствена заштита. Лекарската комора ги одредува цените на лекарските услуги заради заштита од нелојална конкуренција“, велат од МЗ.

Со нацрт-законот, додаваат од таму, се утврдуваат сите права и обврски на лекарите, но и работата на Лекарската комора, издавањето и одземањето на лиценцата за работа. Со овој закон се прецизира и утврдува статусот на лекарите и лекарската професија, како и стручниот надзор на работата на лекарот, чување и унапредување на достоинственото и одговорно професионално однесување во работата со почитување на прописите, правилата на струката и кодексот на медицинската етика и деонтологија. Законот ги ограничува лекарите да не се дозволи нивно поврзување со комерцијални активности за лична корист.

 

 

извор: Makfax

Најчитани вести