Поранешниот американски претседател Бил Клинтон вчера во Приштина изјави дека се чувствува почитуван, дека Косово е пример за демократија и заслужува членство во ЕУ и во НАТО.

„Мислам дека целиот свет може да го земе Косово како пример за тоа како растеше и како живее во мир со своите соседи. Косово заслужува да биде во ЕУ и НАТО. Секогаш ќе бидам горд што бев претседател на САД кога ви беше потребен некој кој ќе стане и ќе каже: нема повеќе етничко чистење, нема повеќе напуштање на татковината и убивање невини цивили, мора да постои подобар начин“, рече Клинтон.

Тој е во Косово по повод 20-годишнината од влегувањето на меѓународните мировни сили во покраината.

Клинтон вчера се сретна со косовскиот претседател Хашим Тачи и со премиерот Рамуш Харадинај.

Тачи го одликува поранешниот претседател на САД со Орден на слободата и рече дека Клинтон е симбол на довербата, оптимизмот и надеж за граѓаните на Косово.

Тој рече дека Клинтон го обединил светот против неправдата и дека тој бил најупорниот политичар за обезбедување на слободата на Косово.

„Со длабока почит се поклонуваме пред вас за слободата на Косово. Им се заблагодаруваме на САД кои ја водеа кампањата за запирање на етничкото чистење и враќање на косовските граѓани во нивните домови, кампања за изградба на нов живот и мир за сите“, рече Тачи.

извор: Makfax

0

Најчитани вести