МИНИСТЕРОТ ЗА РАЗОЧАРАНИТЕ МЛАДИ ДИПЛОМАТИ ОДБИЕНИ ОД МНР - Се јави Димитров

11.06.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
МИНИСТЕРОТ ЗА РАЗОЧАРАНИТЕ МЛАДИ ДИПЛОМАТИ ОДБИЕНИ ОД МНР - Се јави Димитров

Министерот за надворешни работи Никола Димитров реагира на отворените писма до јавноста на младите дипломати, разочарани од конкурсот за вработување. Тој вети дека ќе направи прес-конференција за овој проблем веднаш по враќањето во Македонија, а дотогаш неговиот „Фејсбук“ статус ви го пренесуваме во целост.

Болеста се жали на лекувањето

Човек не смее да престане со растерувањето на маглата. Во спротивно, ноќта може да се преправи во ден, и покрај темнилата.

Здружението што се бави со оваа црна алхемија, во улога на опозициска партија, денес пред МНР јавно обвинила за партизација, користејќи го актуелниот конкурс за вработување на млади дипломати.

Еве ја вистината. Во МНР нема ниту едно постојано вработување на дипломат во изминативе две години. Има само едно преземање на експерт од друга институција. Во две години. Имаме актуелен конкурс. Се подготвивме добро. Направивме нови прашања за кандидатите од областа на надворешната политика. Разговаравме со реномирани странски амбасадори акредитирани во Скопје, со молба да присуствуваат на завршните интервјуа, кои делумно ќе се водат на јазикот за кои кандидатот тврди дека го познава, како мои специјални советници. Зошто? За да дадеме посебен легитимитет на натпреварот на способните, за да имаат сите еднакви шанси. Се обидовме, преку социјалните медиуми, да ја објасниме подробно процедурата.

Во првата фаза на конкурсот, одлучувачки надлежности има Агенцијата за администрација, која постапува по одредбите на законот и проверува дали кандидатите имаат доставено комплетна документација дека ги исполнуваат пропишаните услови. Постапуваат по закон што за мој вкус е премногу ригиден и треба да се менува. На пример, законот не дава можност од дополнително доставување на документи кои недостасуваат (имав посебен состанок на оваа тема со Агенцијата пред да го објавиме конкурсот). Во оваа фаза, МНР има крајно ограничена можност да влијае врз оценката за документацијата. Или ги има сите документи или ги нема. Вината не би ја префрлил ниту на Агенцијата, туку на нефлексибилноста на законот за административни службеници, што мислам дека треба да се измени. Посебно е прашањето што дипломатите, со оглед на спецификите, треба да се изземат од системот на државни службеници и во делот на вработувањето, за одговорноста, постапката и политиките да бидат во МНР. Но, додека тоа не го направиме (работиме на нов закон) за нас, посебно во оваа фаза, е надлежна Агенцијата и должни сме да го применуваме и почитуваме Законот за административни службеници. За жал, реакцијата на неколку се чини одлични кандидати, револтирани од ригидноста на системот, беше политички злоупотребена токму од болеста наречена “државата е партијата”.

Конкурсот ќе го спроведеме и ќе обезбедиме еднакви шанси, во рамките на овој закон. Ќе разговараме со оние кои според биографиите се супер квалитетен кадар, но кои не успеале да ги соберат сите потребни документи навремено, односно да излезат на крај со ригидноста на Законот. Конечно, тешко, но сигурно, наоѓаме начин и да го одврземе чворот на супер брзите унапредувањаа, доселениците од страна што стекнале високи звања преку ноќ и другите партиски болести што ги наследивме, додека способни луѓе со години биле држени на најниски рангови. Сите амбасадори кои ги упативме досега се дипломати од кариера. Ја враќаме честа на професијата.

Штом творецот на болеста вреска, очигледно лекувањето има резултати.

Ќе направам за ова тематски прес штом се вратам дома.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата