Хаос на небото над Москва: Goodbye, мајко Русијо – се огласи AIR SERBIA (ВИДЕО)

23.09.2022
Vesnik.com
Хаос на небото над Москва: Goodbye, мајко Русијо – се огласи AIR SERBIA (ВИДЕО)

Веб-страницата FlightRadar24 објави видео од огромна гужва на небото над Русија, што се случи веднаш откако Путин ја најави мобилизацијата.

Од моментот кога рускиот претседател во средата наутро издаде наредба за мобилизација на резервните сили, која се однесува на 300.000 мажи, започна масовното резервирање летови до дестинации надвор од земјата.

Така за кратко време беа распродадени сите летови кон Ерменија, Србија и Турција. Руските граѓани веднаш резервирале билети за да избегаат од земјата и на тој начин да избегнат одење на бојното поле, пишува сараевскиот портал Klix.ba.

Анимацијата на веб-страницата Flight Radar, која ги следи летовите на авионите, покажува колку само вчера имаше гужва на руските аеродроми.

„Денеска поаѓаат летови од Москва и Санкт Петербург. АП известува дека меѓународните летови што поаѓаат од Русија се или распродадени или нагло се зголемени откако Путин најави мобилизација на резервисти“, соопшти „ФлајтРадар24“.

Авио билетите на црниот пазар достигнуваат цени и до вртоглави 10.000 евра.

Ер Србија објави: Ова се ВИСТИНСКИТЕ ЦЕНИ за летовите Москва – Белград

Откако медиумите напишаа дека „Ер Србија“ неколкупати ги покачувала цените на билетите на летовите меѓу Москва и Белград, и компанијата ги демантираше тие тврдења и ги објави вистинските цени на билетите.

Во соопштението се наведува дека во текот на вчерашниот ден и денеска во некои домашни медиуми, како и на социјалните мрежи се објавени шпекулации и невистинити тврдења за цените на билетите на Ер Србија меѓу Белград и дестинации во Руската Федерација.

„Без навлегување во причините поради кои одредени медиуми и лица би сакале да шират невистини за наводно високи цени на билетите, за да им обезбедиме вистинити информации на граѓаните, би сакале да презентираме прецизни информации во врска со тоа. Поради екстремно високата побарувачка од март оваа година, билетите за летовите на Ер Србија меѓу Белград и дестинации во Руската Федерација може да се купат само неколку дена, па дури и недели однапред. Билетите за сите летови во септември се распродадени веќе подолго време. Кога станува збор за октомври, во првата половина од месецот има уште многу малку билети“, се наведува во соопштението.

Според нивните тврдења во моментов најниската достапна цена за авионски билет во економска класа во еден правец меѓу Москва и Белград почнува од 397 евра. Најскапиот достапен билет во еден правец во економска класа меѓу Москва и Белград чини 567 евра.

Кога станува збор за повратни билети од Москва до Белград во економска класа, најниската достапна цена започнува од 816 евра, а највисоката можна е 1156 евра. Сите цени се прикажани вкупно, т.е. вклучувајќи ги сите поврзани даноци.

Фото: Илустрација

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата

;