Иранските власти ја потврдија СМРТТА НА ТРОЈЦА ДЕМОНСТРАНТИ на протестот поради смртта на 22 годишната Амини

21.09.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Иранските власти ја потврдија СМРТТА НА ТРОЈЦА ДЕМОНСТРАНТИ на протестот поради смртта на 22 годишната Амини

Хуманитарните организации наведуваат дека во протестите загинале пет лица.

Протестите во Иран продолжија доцна во вторникот, при што полицијата одговори со солзавец, објави полуофицијалната новинска агенција Фарс.

Гувернерот на Техеран Мохсен Мансури обвини странски агенти за поттикнување насилство во главниот град.

Немирите во делови од Иран се најголемите улични судири откако Иранците протестираа против недостигот на вода минатата година. Иранците излегоа на улиците не само за правата на жените, туку и за безбедноста во земјата и особено за економијата погодена од меѓународните санкции.

Иранците протестираат поради смртта на 22-годишната Махса Амини, која почина во притвор откако беше уапсена минатата недела од полицијата за морал поради наводно непочитување на правилото за хиџаб, пишува Би-Би-Си. Очевидци тврдат дека полицијата ја однела до возило и ја претепала.

Во обид да ги намали тензиите, помошник на врховниот лидер на Иран изрази сочувство до нејзиното семејство.

Амини беше од провинцијата Курдистан, а курдската хуманитарна организација Hengaw во понеделникот објави дека во тој дел на Иран безбедносните сили убиле три лица кога пукале во демонстрантите.

Гувернерот на Курдистан ги потврди трите смртни случаи, но рече дека се сомнителни и дека не се знае кој е одговорен за нив.

Граѓанин на Дивандаре е убиен со оружје што не го користеле вооружените групи“, изјави Есмаил Зареи Куша.

Хенгав во понеделникот објави дека две лица се убиени во курдскиот град Саќез, родниот град на Амина, а петтото е убиено во Деголан, исто така во Курдистан. Организацијата тврди дека само во понеделникот биле повредени 75 лица.

Во националните осуди за смртта на Амини, персискиот хаштаг #MahsaAmini достигна речиси два милиони споменувања на Твитер.

Видеата на социјалните мрежи покажуваат демонстрации во Техеран и се шират во градовите како Рашт, Машхад и Исфахан.

Осуди на ОН и невладини организации
Вршителот на должноста висок комесар на ОН за човекови права Нада Ал-Нашиф изрази загриженост поради насилството од безбедносните сили и смртта на Мсахса Амини, како и насилството врз демонстрантите, според ОН.

Невладината организација Иран за човекови права (IHR), со седиште во Осло, објави дека се убиени четворица кои извикувале пароли „Смрт за диктаторот“ и „Жена, живот, слобода“.

ИЧП ги повика земјите кои имаат дипломатски односи со Иран, особено Европската унија, да ги запрат новите убиства насочени од државата, барајќи од владата во Техеран да ги почитува човековите права.

Германскиот министер за надворешни работи во вторникот го повика иранското раководство да ги слуша жените кои протестираат на улиците поради смртта на една жена во притвор, бидејќи тие застанаа да ги бранат основните човекови права.

„Треба да се слушаат бидејќи овие жени ги бараат правата што мора да ги имаат сите луѓе“, рече Аналена Баербок во Њујорк, каде што пристигна на седницата на Генералното собрание на ОН.

Фото: принтскрин

 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата