Видео

Марија Мирковиќ има нова музичка порака, во нов стил и со нов музички израз!

5.07.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Марија Мирковиќ има нова музичка порака, во нов стил и со нов музички израз!

Со секоја нова песна, откако ја стартуваше соло кариерата, кантавторката Марија Мирковиќ (екс Фрајле) потврдува дека ужива во слободата на создавање песни, која ѝ дава можност на публиката да ѝ понуди и поинаков музички израз.

Овој сингл можеби не е во мој стил, но конечно можам да експериментирам и да пробам нешто сосема поинакво, вели Марија за новата песна „Презирем самоќу“, која ја потпишува како текстописец, додека автор на музиката и аранжманот е Бранимир Михаљевиќ.

„Презирем самоќу“ е песна во која зборува дека знае што сака, а што не, и има поразличен музички израз.

– Иако песната стилски е поинаква од сите кои досега сум ги објавила, ми легна од прва. Има некој бит и грув кој ми е одличен. Дојдов кај Бранимир, ја пуштивме матрицата, го доработив текстот и за два часа ја снимивме песната. Не ја снимив само затоа што е модерна и за да ми донесе поголема популарност. Иако нема да се бунам и ако се случи тоа, вели Марија низ насмевка.

Нејзиниот ѕвонлив и чист глас совршено се вклопува во модерниот звук, а во спотот Марија ја покажа сета своја љубов и умешност во боречките вештини, кои маестрално се овековечени од режисерката Сандра Михаљевиќ, со која работеше и на претходните две видеа – во кои дестинации за снимање беа Венеција и Истанбул. Сега акцент е ставен на видеоефектите и танцот со кој се симулира „спортската љубов“ на Марија. Ова видео инаку е снимено во Загреб.

Марија својата кантавторска кариера трпеливо ја гради нешто повеќе од една година, а огромна поддршка добива и од бендот со кој работи со години; уште како членка на Фрајле – за кои, пак, ги напиша некои од најпознатите хитови; и кој и денес е тука за неа. Откако ја напушти групата Фрајле оствари мошне успешни музички соработки, па со Алка Вуица создава позитивни и енергични песни во кои се препознаваат сите жени, соработува со тенорот Мате Гргат, а групата Камби со хитот „Заљубљен“ беше најголемо изненадување на минатогодишниот фестивал „Дора“. Музиката оствари низа номинации меѓу кои оние за Златно студио, Хит на годината, а прогласена е и за најстримувана песна.

Марија сега ужива во градењето соло кариера, а новата песна и спот –„Презирем самоќу“, се доказ дека и публиката ќе ужива во музиката која ја создава оваа исклучително талентирана и сестрана кантавторка.

 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата