Понеделнички

Сезона на хиените

2.06.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Сезона на хиените

Вардар е европски шампион. Повторно. Цела Европа ги гледаше македонските знамиња на победничкиот пиедестал, и македонската публика дојдена во Келн за поддршка. Поубава препорака и промоција за Македонија, здравје.

Вардар е чудо. Тим кој не примил плата осум месеци се испрси и победи против оние кои пливаат во пари. Победа извлечена од срцето на тие млади луѓе на кои, во најголем дел, ова им е последен настап за Вардар бидејќи мораат да заминат. Авторот на ова македонско чудо, Сергеј Самсоненко, објави дека не е веќе платежно моќен да го издржува клубот. Дека сите играчи можат да си заминат.

Овие што сега владеат направија се што можат Самсоненко да падне во бизнисот. Да замине, затоа што е Рус што гради руска православна црква а не дивоградба минаре како во Охрид, затоа што не е под нивна контрола, затоа што успехот кој го постигнува со години е заедно со Комитите кои и викендов, во Келн, носеа транспаренти: Македонија секогаш, Северна никогаш... затоа МТВ и не смееше да го пренесува финалето во кое Вардар победи. Да не ги ремети Северџаните.

Вардар е култ. Неговата химна е: Ој Вардаре македонски, ти ја красиш Македонија... тоа е опасност за власта, провокација за Северџаните. Тоа е нешто што мора да згасне. А кога ќе згасне и тоа, што ќе ни дадат за замена. Ништо, како и секогаш.

И така, од победа во слава на нацијата, доаѓаме до суровата политика.

Најавената метла, како катарза за народното незадоволство не се случи. Ниту ќе се случи. Чистка не е смена на локални партиски шефови. Никому во Скопје, Штип или Прилеп ништо не значи смена на партиски локален шеф во Берово или Кратово.

Оние кои темелно го уриваат функционирањето на владата, а оттаму и на партијата, остануваат непипнати: Радмила Шеќеринска, Петре Шилегов, Венко Филипче, Кочо Анѓушев, Роберт Поповски и Драган Даночен Тевдовски се имињата зад кои стои криење зад функциите, корупција, длабоки промашувања и одговорност.

Метлата се сопна пред вратата на ДУИ. Тие остануваат безгрешни и никому одговорни. ДУИ, после Заев, ќе има најголем ќар од сите лажни партиски реформи.

Трнот во окото на ДУИ, Мухамед Зекири, еден од потпретседателите на СДСМ е во оставка. Нема никаква дилема дека е тоа нарачка од Али Ахмети. Соживот меѓу Ахмети и Зекири не е можен. Особено откако помеѓу двата круга создадае опасен конфликт со гласачкиот инструмент на ДУИ - ИВЗ и поглаварот Сулејман Реџепи со што ја доведе во неизвесност и победата на Пендаровски. Друго е прашање дали аргументите на Зекири се одржливи, соживотот потоа не е одржлив.

ДУИ победи. Дополнително, командант Хазби Лика влезе во Советот за координација на разузнавачката заедница, најмоќно безбедносно тело во државата.

Соросоидниот блок во СДСМ, кој е политички доминантен во кампот уште од 2014, е во акција за уривање на Зоран Заев. Тоа го гледаме сите. Доколку ова уривање на Заев значи само притисок за исполнување на нивните желби: свои кадри на добри функции, управни одбори, добро платени места и грабање што е можно повеќе во секоја прилика од парите на буџетот под форма на невладин сектор и никому потребни проекти... тоа би било решливо за Заев, и би се испазариле. Но, тоа им е само попатен ќар.

Невладиниот соросов сектор е хиберниран. Без милиони дипломатски долари и менаџирење од странство тие се никој и ништо. Аморфна маса која се суши како медуза исфрлена од морето на жешка плажа. Странскиот проект за смена на името, и сето што следи кон тоа е – завршен. Тие никому веќе не се потребни, а Заев ниту може ниту смее да ги вдоми сите на функции, и да им ги компензира милионите странски долари кои се трошеа на нивни активности, особено последниве пет години. Ако тргне по тој пат ја губи поддршката во партијата, затоа што изворните партиски лидери не сакаат да гинат за други.

Деновиве Софија Куновска, поранешен шеф на скопската организација на СДСМ, за Радмила Шекеринска, лидерот на соросоидите во СДСМ, напиша дека е политичка хиена. Хирушки прецизна квалификација од некој кој добро, многу добро ја познава Шекеринска и лично, а и во нејзиниот политички живот. Долгогодишниот шеф на кабинетот на Бранко Црвенковски, Наташа Савова, за Шекеринска рече дека е канцер на партијата... и тоа е оценка на некој што ја знае Шекеринска од прва рака.

Сезоната на хиени е отворена. Ловот е во тек, но резултатот е неизвесен.

Зошто Зоран Заев не може да се испазари со соросоидите. Да ги плати од државна каса тие милиони долари за нивна алиментација, и да стави нови десетина-дваесет соросоиди на добри функции? Затоа што тие ќе одат понатаму. Докази има многу, еве ги најновите.

Сашо Ордановски му порачува на Зоран Заев дека на сите им било јасно дека Груевски не би избегал ако власта не сакала да го дозволи тоа, и дека постои таен договор помеѓу СДСМ и ВМРО за елиминација на СЈО вакво какво што е сега. Патем, соросоидните новинари по своите колеги пуштаат абер за некој телефонски разговор помеѓу Никола Груевски и Зоран Заев, три дена пред Груевски да замине за Будимпешта. Веќе подолг период истите извори зборуваат за милиони платени од најбогатите цели на СЈО за заташкување на процесите. Ова никој не го демантирал.

Понатаму, Насер Селмани, доскорешен контраверзен претседател на соросоидното ЗНМ, кој сега пишува за провладиниот Фокус, му се заканува на Заев дека ако не ги исполни барањата на шарените соросоиди го очекуваат вонредни парламентарни избори на пролет и губење на поддршката од меѓународната заедница.

Значи, за поддршка од меѓународната заедница и опстанок на власт не се битни проекти, економски и други резултати и гласачите, битно е само да се товат шарените соросоиди, и се ќе биде ОК. Селмани, во Фокус, го напаѓа Заев дека не го заштитил нивниот пратеник Павле Богоевски при скандалот со трговија со дрога. Павле Богоевски можеше сам да го реши скандалот со прост и брз тест за дрога, но немаше храброст за тоа. После се, останува фактот дека шарената револуција ја предводеле наркомани, а Заев им е виновен што лидерот им е фатен во тоа. За нив, дрога и политичар се неразделен пар.

Доколку Заев ги прифати барањата на соросоидите, добива власт уште понеефикасна од сегашната. Соросоидите никаде, никогаш, ништо не сработеле, па нема ни во иднина. Потоа, Заев со вакво СЈО е нивната следна жртва. Соросоидите преку СЈО ќе го соборат на патос, и патот до власт и лидерство за Шекеринска е отворен. Тие бараат негов пад и смена во време кога СДСМ е на власт, смена со Шекеринска која би дошла на готово, а не по пат на нови избори со нејзино лидерство кои таа, како и секогаш, би ги загубила.

А бидејќи ВМРО веќе долго собира и документира случаи на тешка корупција во владата, кај некои правосудни органи и бизнисмени блиски до СДСМ кои добиваат по десетина тендери годишно, Заев фрлен на колена би бил лесен плен за ВМРО.

Хиените се пуштени во лов. Тие напаѓаат само во чопор, и немоќни жртви.

Има ли Заев кадри кои ќе ја засилат неговата позиција и функционалноста на владата? Јас такви не гледам. СДСМ никогаш не форсирал паметни, тоа е фундаменталната политика на Црвенковски, а осоебно не вредни и работливи. Кога си дозволија луксуз да ги загубат Гордан Георгиев, Зоки Јовановски или Гордан Калајџиев, во малава Македонија други тешко се наоѓаат, а да имаат и политичка свест и лојалност, и способност и посветеност.

Без инструментите на власт и милионите, Даскалот Мицковски уште сега има имиња кои доминираат во политиката, особено од новата генерација. Од искусните тешко во СДСМ ќе најдете теренец како Владо Мисајловски или политички капацитет што може да се носи со Антонио Милошовски кој искрено на Заев му предложи да ги земе Илинка Митрева и Блерим Река за советници, а млад кадар како Александар Николовски, Тимчо Муцунски или Димса Арсовски... СДСМ нема ни во најава.

Битка за власт се добива прво дома, потоа се е избор и примена на организација и искуство. Заев го знае ова и, очигледно, темелно се подготвува за тие предвремени парламентарни избори. Без своите први соработници како целта на соросоидите Оливер Спасовски, или искусниот Али Ахмети тој е гола мета за отстрел.  

Хиените кружат околу Заев кој се уште како единствено оружје против нив ја има метлата во своите раце... ржат и чекаат да се измори, да остане сам. А потоа, хиените настапуваат.

(03.06.2019)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата