Ќе биде објавен список со компаниите кои направија вештачки скок на цените, најави Битиќи

6.06.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Ќе биде објавен список со компаниите кои направија вештачки скок на цените, најави Битиќи

Откако инспекциските служби ќе утврдат дали порастот на цените е реален, Владата ќе ги објави сите компании кои направиле вештачки скок на цените, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Битиќи останува на ставот дека е направено вештачко зголемување на одредени производи, а како пример посочува тестенина за која маржата на добивка за два дена скокнала од 4 на 72,5 проценти.

– Дека има вртоглаво и вештачко зголемување на цените, кажав и минатата недела. Еве, два примера зошто го тврдев тоа. За само два дена, маржата на добивка кај тестенина од еден производител, пораснала од четири проценти на 31 мај на 72,5 проценти т.е. граѓаните плаќаат 65 проценти повисока маржа на добивка за тестенина од еден производител, изјави Битиќи, одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на фабриката „Таб мак“ во Пробиштип.

Во текот на оваа недела, според најавите на вицепремиерот, повторно треба да има и средба со претставници на Сојузот на синдикати кои најавија генерален штрајк на 22-ри овој месец поради неисполнување на нивните барања.

Дијалогот, како што изјави Битиќи, продолжува и има отворени прашања за кои треба да се разговара.

– Имаме отворени прашања со ССМ. Не е само усогласувањето на платите и нивното барање за линеарно зголемување на платите. Тука е методологијата за раст на платите и законот за плати кој треба еднаш за секогаш да го реши прашањето за зголемувањето, ефикасноста, ефективноста. Се додека имаме отворени прашања, не би требало да повикаме на штрајк. Треба да седнеме на маса. Веќе оваа недела ќе ги повикаме, за да зборуваме за овие отворени прашања, рече Битиќи, најавувајќи дека на следната владина седница ќе бидат формирани работните групи од страна на Владата кои ќе треба да почнат да работат на одржливо решение.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата