Цената на новите становите експлодира, и не е тоа заради војната во Украина и скапото железо, цените експлодираа уште пред година-две па сега просечен стан во Скопје, во поширокиот центар на градот, се продава по цена 1.600 до 1.800 евра, или поскапо. Градежните компании кои ги продаваат имаат екстремно голема заработка.
Во услови на криза, прво предизвикана од пандемијата, а потоа и од руско-украинската војна, најбрзо страдаат проекциите за капиталните инвестиции, а тоа значи помал ангажман и на градежните компании. Но, она што беше добрата страна за градежништвото во изминатиов период е градежната експанзија во однос на станбената изградба. Интересно, колку и да се градат нови станови во Скопје, за нив има интерес.
Од градежната фела велат дека се распродавале и цели згради уште во текот на градбата. Економистите ова го поврзуваат и со страв од чување пари во несигурни времиња, како и од страв да не девалвира денарот, што е предизвикан од постојано шпекулирање на таа тема. Притисокот на страната на понудата дозволи раст на цените, па Народната банка го евинтираше скокот од дури 12,4 проценти за само една година (прв кавартал од 2022 година споредено со прв квартал од 2021 година).
Порталот „Пари“ во соработка со БизнисМрежа.мк ги анализираше приходите и добивките на најголемите градежни компании во Македонија. Заклучокот е дека има промени во 2021 година во однос на најприходните и најпрофитабилните градежни фирми во 2020 година, но дека прометот, односно приходите на врвните 10 позиции е сличен како и лани, а истото се однесува и за добивките.
Првите 10 компании кои се на листата со најголеми приходи, заедно оствариле промет од 144,6 милиони евра. Во 2020 година пак, тие што беа на тогашната листа ТОП 10 компании по приход остварија вкупни приходи од 149 милиони евра.
Како што може да се забележи сите овие компании, освен две – „АК Инвест“ од Тетово и „Карпош“од Скопје ги зголемиле своите приходи во текот на минатата година во однос на 2020 година. Инаку во 2020 година, токму АК Инвест беше градежната компанија со најголем приход во државава, а сега тоа место му припадна на „Жикол“ кој лани беше втор на листата. Но, најголемиот приход не обезбедил и најголема добивка за „Жикол“, па тој е дури на последното 10-то место меѓу ТОП 10 фирми со најголема добивка.