142 НОВИ ВОЗИЛА КУПИЛЕ ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ во кризните 2020 и 2021 година

16.03.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
142 НОВИ ВОЗИЛА КУПИЛЕ ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ во кризните 2020 и 2021 година

Од март 2020 година досега, додека во Македонија владее пандемија и економска криза државните институции набавиле нови 142 патнички возила и за нив потрошиле 3 милиони и 609 илјади евра

Според Опен дата овие возила ги набавиле 42 државни институции.

Најмногу од нив ги има набавено владината Служба за општи и заеднички работи на Владата, која доскорешните „Пасати“ ги заменила со 45 нови „Шкода Суперб Амбишн“.

Воедно повеќето се набавено во тендери со една понуда, односно без конкуренција. Конкурентноста опаднала во јавните набавки и дури на 83 % од тендерите имало само по една понуда.

Фактот што од една страна има голем број дистрибутери на нови возила во земјава, а друга страна на тендерите се јавувал само по еден понудувач, го отвора сомнежот дека институциите доминантно си купувале такво возило какво што сакале.

Како и претходните години, така и во последните две, следен според број на набавени нови возила е Државниот пазарен инспекторат кој купил 11 „Цитроен Ц3“ и 10 „Фиат Типо“, или вкупно 21 ново возило. На трето место, со шест нови хибридни возила „Хјундаи Ајоник“ е Агенцијата за електронски комуникации.

Според Опен дата, повеќе од 40% од набавените нови возила се поскапи од 30 илјади евра.

Трите најскапо платени возила се „Шкода Суперб ФЛ“ од 47 илјади евра и „Мерцедес Ц 180“ од 44 илјади евра – и двете на Државата видеолотарија, а на трето место е „Хјундаи Сонада“ на Агенцијата за електронски комуникации по цена од 43 илјади евра.

Меѓу марките возила, се чини дека и натаму омилена марка на функционерите е „Шкода“ која со 60 возила води на листата, како и претходните години. Долгогодишното второ место на „Фолксваген“ му го презема „Фиат“ од кој се набавени 25 возила, а на трето место со 13 возила сега е „Ситроен“.

Меѓу фирмите, најголема вредност на договорите и овој пат има „Порше лизинг“ со скоро 2 милиони евра, „МИ-ДА Гранд Моторс“ со речиси 300 илјади евра и „Аутомобиле-СК“ со 274 илјади евра.

Анализата ги опфаќа само патничките возила, а не и комерцијалните, односно товарните, транспортните и техничките возила.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата