Купишта ѓубре, искршени скиии и разно-разна зимска опрема собрани на Шапка

25.05.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Купишта ѓубре, искршени скиии и разно-разна зимска опрема собрани на Шапка
 

Десетина скии и делови од нив, скршени делови од санки, зимски ракавици и друга опрема е фрлена на Попова Шапа од скијачите и други посетители во текот на зимските месеци. Сите овие предмети беа најдени во текот на двочасовната пладневна акција за чистење смет само во близина на хотелот „Попова Шапка“, што се организираше во рамки на дводневната манифестација 38-мо искачување на Титов врв, во организација на планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово. Освен скијачката опрема, неколкуте десетици планинари кои учествуваа во акција најдоа многу фрлени најлони, пластични предмети, шишиња, остатоци од храна, стакло, презервативи.

– За жал најдовме многу работи кои не се распаѓаат. Сметот беше најден само околу хотелот „Попова Шапка“, а замислете колку многу има и понатаму. Акцијата е дел од „Trash Tag challenge“, глобално движење за расчитување на фрлени отпадоци, согледувајќи дека има таква потреба поради огромен број неформални депонии. Ние направиме локална иницијатива на Попова Шапка поради искачувањето. Сведоци сме дека иако центарот е многу убаво природно место, многу се нагрдува со отпадоци. Идејата е со вакви мали акции директно да се чисти површина, но поважно е да се зголеми свеста и одговорноста кон природата, да се приближат концептите на одржлива животна средина и луѓето да прават вакви акции или да не фрлаат отпадоци па да нема потреба од такви активности како „Trash Tag challenge“, изјави Марија Матовска, член на ПК „Љуботен“.

Вчера 11 членови на ПК „Љуботен“ ја поминаа Вакуфска патека по која треба утре да се движат учесниците.

– Се направи проверка на маркацијата и каде имаше потреба се поставија нови знаменца за да се знае движењето. Се контролираше каде има снег, па се чистеше на три места, имаме три снежни „јазици“ на кота 2.400 и пред седлото на Титов врв, изјави Сашо Јаневски од клубот.

Во текот на денешниот ден се одржа и трибина, натпревар во поставување шатори и слични активности. Искачувањето кон Титов врв почнува утре од 6 часот и 30 минути од пред хотелот „Попова Шапка“.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата