НЕ ГИ ПУШТАМЕ ДЕЦАТА НА УЧИЛИШТЕ АКО ДО СРЕДА ЛЕВ ТАХОР НЕ СИ ЗАМИНЕ – Жителите на Лакочереј на протест

22.02.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
НЕ ГИ ПУШТАМЕ ДЕЦАТА НА УЧИЛИШТЕ АКО ДО СРЕДА ЛЕВ ТАХОР НЕ СИ ЗАМИНЕ – Жителите на Лакочереј на протест

Верската група Лев Тахор беше преместена во хотел во охридското село Лакочереј, но  жителите се со негодување на нивниот престој во селото.

Тие сега протестираат и најавуват порадикални мерки доколку групата не биде преместена.

Вчера вечерта се собрале на протест на сретсело, по што отишле пред хотелот каде се сместени припадниците на сектата и му дале рок на сопственикот до утре да ги избрка. Во спротивно, селаните се заканиле дека ќе излезат на масовни протести, а децата нема да ги пуштат на училиште, пишува СДК.мк.

„Синоќа се собравме стотина луѓе спонтано. Го побаравме газдата на хотелот каде е сместена групата ‘Лев Тахор‘. Газдата од за него познати причини ни рече дека не може да присуствува на собирот кој беше сред село. Сите отидовме пред хотелот и му кажавме до среда напладне да си ги дислоцираат луѓето. Тој кажа дека работел на тој проблем и со туроператорот барале решение. Имаше и полиција на собирот“, вели Илче Настоски, жител на селото.

Тој најави масовни протести пред хотелот доколку ова не се случи, а рече и дека селаните нема да ги праќаат децата на училиште, бидејќи школото било само на 500 метри од хотелот, па стравувале припадниците на верската група да не им ги киднапираат.

37 членови на религиозната група „Лев Тахор“, кои претходно престојуваа во Куманово и Скопје, каде исто така беа прогласени за непожелни, во неделата навечер дојдоа во охридското село, а жителите оттогаш се вознемирени и бараат групата да замине од Лакочереј.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата