Секогаш кога Али Ахмети сака да се допадне на меѓународната заедница во неговите средби се откажува од Косово, и ја фали иницијативата на Србија Отворен Балкан каде Косово не се споменува, и измислува зелена агенда, а секогаш кога треба на Ахмети и Ковачевски да поминат тендерите и милионите во РЕК и Осломеј, Ахмети станува загрижен патриот и збори за Косово, велат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста.
Тие потенцираат дека Ахмети не треба да се чуди зошто ДУИ ја обвинуваат за корупција.
– Освен тоа што треба да си провери во орманот за струја, каде има диво приклучен кабел за струја, треба да ги провери и кадрите кои 20 години се извор на криминал и корупција. Зелената агенда на ДУИ и темата со етничките права на заедниците се измислени за да ДУИ се покрие во моментите кога од народот краде највеќе, велат од партијата.
Во соопштението се додава дека и колку повеќе ДУИ и СДСМ сложно крадат, толку народот е посиромашен.
– Од набавката на мазутот на Крешник Бектеши, до милионски тендери за РЕК на Ковачевски кои државата ја оставија без струја, функционерите на ДУИ и СДСМ не смеат да бидат феудалци кои се недопрени од закон, кои се богатат на грбот на сите граѓани на Македонија, истакнуваат од партијата.