Изабел Вил (18) од Велика Британија се прослави по храброста, талентот за шминкање и насмевката, која и покрај хендикепот речиси никогаш не ја трга од своето лице.
Нејзиниот живот драматично се променил кога лекарите и дијагностицирале менингитис во 2010 година. Имала само седум години кога морала да се бори за животот.
Наставниците во училиштето први забележале дека нешто не е во ред, па еден ден ја донеле дома мислејќи дека има грип. Изабел го изгубила апетитот, се чувствувала лошо и често паѓала во несвест. Кога отишла во болница, единственото нешто што можеле да и кажат лекарите е дека морале да и ги ампутираат двете раце и нозе речиси до лактите и колената за да и го спасат животот.
Кога закрепнала, Изабел морала да се прилагоди на новиот начин на живот полн со ограничувања. Меѓутоа, со текот на времето научила со насмевка да ги користи максимално сите можности што ги има.
Денес, неполни 12 години по операцијата, оваа девојка успеа да го оствари својот сон и да стане шминкер, а многумина и предвидуваат светла кариера.
Нејзините совети за убавина ги споделуваат познатите личности на нејзиниот Инстаграм, а меѓу нив е и Худа Катан, која на оваа социјална мрежа ја следат повеќе од 50 милиони луѓе.
Импресивната вештина на шминкање на Изабела ја направи сензација на социјалните мрежи. Повеќе од 400.000 луѓе ја следат на Инстаграм, а уште повеќе на ТикТок.
Колку е добра во овој бизнис покажа и едно нејзино видео кое собра неверојатни 19 милиони прегледи и повеќе од милион коментари. Во него таа покажа како се комбинира бронзената сенка и моливот за очи.
Покрај тоа, оваа весела, оптимистичка и енергична девојка работи и во маркетинг за автомобилска компанија. Изабел го положила возачкиот испит и признава дека не била сигурна како ќе го направи тоа, но желбата да стане независна била толку силна што ништо не ја спречувало во тоа.
– Срцето ми застана во болница, доживеав повеќе откажувања на органи и паднав во кома. Лекарите решија да ми ги ампутираат екстремитетите бидејќи краевите на сите четири екстремитети изгубија циркулација, односно беа мртви. Операцијата траеше шест часа – се присети Изабел.
Таа се разбудила една недела подоцна.
– Во болница останав уште два месеци. Сè ми беше некако заматено. Се сеќавам дека бев збунета за целата ситуација, но си помислив: „Во ред, ова мораше да се случи, ајде да продолжиме понатаму“. Тоа ми помогна да бидам свесна за реалноста на целата ситуација – рече таа и додаде:
– Додека ја напуштав болницата, никој не знаеше како ќе јадам, пијам, шетам и како ќе се грижам за себе. Моите родители не беа сигурни дали ми треба некој да биде со мене секој ден по цел ден и дали треба да одам во специјално училиште. Се вратив во светот што го познавав, но сега сè ми беше непознато.
Освен тоа, немаше никој со кој би можел да се поврзам. Така почнав да објавувам видеа на YouTube. Објавував видеа кои покажуваат како го користам телефонот, јадам, пијам, се чешлам и правам други секојдневни работи, бидејќи луѓето секогаш се прашуваат себеси.
Врсниците беа сурови
Кога почнала да објавува видеа, околу себе собрала други луѓе кои исто така имале ампутирани раце или нозе или еден екстремитет; всушност тие создале заедница каде разменуваат совети, разговараат за проблемите, се смеат заедно… Изабел раскажува како тоа детско искуство ја направило посилна и порешителна денес.
– Кога почнав со средно училиште, почнав да тренирам на трамболина и брзо освоив две британски национални првенства и наградата „Гордост на спортот“ – гордо рече таа.
Се присетила и на моментите кога одењето на училиште за неа било вистинско мачење.
-Децата се злобни и често ми кажуваа страшни работи, иако јас стоев блиску до нив и можев да слушнам се. Сега е многу полесно. Среќна сум, уверена во себе и во моите достигнувања. Не ме сфаќајте погрешно, моето тело е единственото тело што некогаш ќе го имам и секако дека го сакам. Тогаш зошто би го трошела животот на тага или несигурност поради нешто што не можам да го променам – заклучила оваа храбра девојка.