Тинејџерка се самоубила по анкета на „Инстаграм“ дали треба да живее или да умре

15.05.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Тинејџерка се самоубила по анкета на „Инстаграм“ дали треба да живее или да умре

Шеснаесетгодишно девојче од Малезија се самоубило откако поставило анкета на „Инстаграм“ со која побарало од нејзините следбеници да одговорат дали треба да умре или не, а 69 отсто одговориле позитивно. Девојчето ја објавило анкетата со порака: „Многу важно, помогнете ми да одлучам С/Ж“, објави „Гардијан“.

Полицијата отвори истрага за случајот.

По нејзината смрт, адвокатот Рамкарпал Синг, рекол дека оние кои гласале дека треба да умре би можеле да бидат виновни за поттикнување самоубиство.

„Дали девојката денес ќе беше сè уште жива ако мнозинството следбеници на нејзиниот профил на ‘Инстаграм’ ја обесхрабрија да си го одземе сопствениот живот? Дали би побарала стручна помош ако тие го стореле тоа? Дали охрабрувањето на интернет корисниците навистина влијаело на нејзината одлука да си го одземе животот? Бидејќи обидот за самоубиство е прекршок во оваа земја, тогаш и поттикнувањето на самоубиство би требало да биде“, рекол тој.

Министерот за млади и спорт на Малезија, Сиед Саддик Сиед Абдул Рахман, рекол дека трагедијата ја нагласува потребата за дискусии на национално ниво за менталното здравје во земјата.

„Јас сум навистина загрижен за состојбата на менталното здравје на нашите млади“, рекол тој и додал дека тоа е национално прашање кое мора да се сфати сериозно.

Шефот за комуникации на „Инстаграм“, Чинг Ји Вонг, изрази сочувство до семејството.

„Нашите мисли и молитви се со семејството на оваа млада девојка. Ние имаме длабока одговорност да осигураме дека луѓето што го користат ‘Инстаграм’ се чувствуваат безбедно и поддржани. Како дел од нашите сопствени напори, ги повикуваме сите да ги користат нашите алатки за известување и да контактираат со службите за итни случаи ако забележат какво било однесување кое ја става безбедноста на луѓето во ризик“, рече Вонг.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата