ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ е најголемиот кочничар на европските интеграции за Македонија

30.11.2021
Vesnik.com
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ е најголемиот кочничар на европските интеграции за Македонија

Наместо да ја кријат сопствената неспособност, криминал и корупција зад ноторни лаги, во СДСМ треба да им дадат отчет на граѓаните зошто продолжува дебаклот на полето на европските интеграции. Ако еден човек може да ја блокира европската перспектива со неколку состаноци, сите од најкорумпираната влада во Европа започнувајќи од Зоран Заев, Бујар Османи, Никола Димитров и нивните соработници треба да си заминат дома и засекогаш да се откажат од политиката, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

-ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и особено Антонио Милошоски, силно се залагале и се залагаат за евроатлантските интеграции на Македонија и се борат за европските вредности, а против криминалот, корупцијата и неспособноста. СДСМ е најголемиот непријател на европските вредности. СДСМ знае само да се кити со европски знаменца, додека истите ги злоупотребува и ја уништува европската перспектива на Македонија. Европска вредност не е Заев да ја направи Македонија најкорумпираната држава во Европа и хибриден режим. Европски вредности не се ниту крадењето струја од европскиот енергетски систем со Васко Ковачевски, ниту пак криминалот на десната рака на Заев, Драги Рашковски. Европски вредности сосема сигурно не се пасошите кои МВР на Оливер Спасовски ги делело на светските криминални кланови, поткупот на Дончев и Заев, ниту пак лажирањето демократија преку инсталирање на контролирани пиони на претседателски фотелји како што тоа го прави Заев со Димитар Ковачевски, порачуваат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат:

-Европска вредност не е ниту слугувањето на криминалните елементи од ДУИ за заедничко чување на фотелјите поради празнење на џебовите на народот, европска вредност не се ниту криминалните тендери во КОВИД-пандемијата и најголемата смртност во регионот.

Наместо да бараат изговори СДСМ треба да дадат одговори зошто Македонија повторно ќе извиси поради нивната неспособност и криминал. Криењето позади ноторни лаги е доказ дека СДСМ не ја научи лекцијата и не ја прими пораката по катастрофалниот пораз на изборите. Граѓаните знаат дека со СДСМ европската иднина е невозможна мисија.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата

;