Тедрос: Пандемијата нема да заврши додека не заврши во целиот свет

25.10.2021
Vesnik.com
Тедрос: Пандемијата нема да заврши додека не заврши во целиот свет

Директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аденон Гебрејесус изјави дека пандемијата на Ковид е далеку од завршена.

„Ги имаме сите алатки што ни се потребни. Сепак, светот не ги искористи добро. Со близу 50.000 смртни случаи неделно, пандемијата е далеку од завршена. А ова се само пријавени смртни случаи“, рече Тедрос на Светскиот здравствен самит во Берлин.

Тој додаде дека СЗО си поставила цел до крајот на оваа година да вакцинира 40 отсто од населението во секоја земја во светот.

„Таа цел е остварлива, но само ако државите и компаниите кои ги контролираат набавките ги усогласат своите изјави со делата. Има неколку работи што предлагам да ги направиме. Земјите кои веќе достигнаа 40 отсто од вакцинираните, вклучувајќи ги сите земји од Г20, мора да го отстапат своето место во редот за испорака на вакцината“, додаде тој.

Тедрос нагласи дека производителите мора да дадат приоритет и итно да ги исполнат своите договори со програмата Ковакс (глобална програма за рамномерна дистрибуција на вакцини низ целиот свет), додавајќи дека мора да има поголема транспарентност.

„Пандемијата нема да заврши додека не заврши во целиот свет“, предупреди директорот на СЗО.

makfax.com.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата