Арсовска од Чаир: Скопје ќе биде град на соживот, соработка и солидарност

14.10.2021
Vesnik.com
Арсовска од Чаир: Скопје ќе биде град на соживот, соработка и солидарност

Град на соживотот, соработката и солидарност. Град на сите негови жители. Скопје ќе стане град кој нема да ги заборави своите населби и населени места. Го испланиравме и ќе го изградиме новиот сообраќаен коридор Мавровка, кој ќе стане архитектонска гордост за решавање на гужвите во сообраќајот. Мој приоритет е да го уредиме кејот на реката Серава со спортско-рекреативни содржини. Да го направиме овој дел да биде новото зелено катче во Скопје. Ќе ги ревитализираме парковите во Чаир. Планираме проширување и реконструкција на една од главните артерии на градот – булеварот „Цветан Димов“. Иако се работи за комплексен проект, мојата визија е овој булевар да го опремиме со уште по една дополнителна лента, како и надвозник од мостот Битпазар до Христијан Тодоровски Карпош, истакна кандидатката за градоначалник на Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците и Алтернатива, Данела Арсовска на вечерашната средба со граѓани во Топанско Поле, општина Чаир.

Арсовска во нејзиното обраќање порача дека имаат план и програма за сите населени места со ургентни приоритети со кои ќе се решат клучните проблеми на граѓаните од населбите во делот на инфраструктура, водовод, канализација, паркови и места за рекреација, дополнувајќи дека Чаир е прекрасна општина и го чува духот на она подзаборавено Скопје.

Сепак, според Арсовска во последните години Чаир е очигледно заборавена општина од градот Скопје, а единствено што покажа актуелната градска власт е дека тие се најлошото за градот и нивниот приоритет е да ги поделат обичните граѓани, за да можат тие сложно да лажат и крадат.

– Имаше ветување за клучниот проект за регулирање на сообраќајот кај Јаја Паша. Ништо од тоа, поставија само некои бетонски огради кои ги омаловажуваат и разделуваат луѓето. Требаше да се реши и крстосницата Мавровка, ви ја ветија пред четири години, но ништо од тоа. Останаа само празни ветувања. Градоначалникот во заминување за чаирчани вети монтажни паркинзи „Чаирчанка“ и „Џон Кенеди“, не ги направија и тие. Со неговите импровизации денес Чаир има повеќе сообраќаен хаос од било кога. Овој градоначалник ветуваше и зелен коридор на реката Серава и Лепенец, за поврзување на сите овие општини. Денес тоа е запуштено и заборавено место, налик на депонија. Ви вети и водоводна и канализациона мрежа до секое населено место во Чаир. Денес гледаме дека и тоа е лага, сѐ уште во Чаир има места кои се гушат во кал и немаат чиста вода за пиење. Посетив многу такви населби овде, кон Гази Баба, кон Топаана. Жално е луѓето во 21 век да живеат така како што живеат во Чаир, потенцираше таа.

Арсовска пред чаирчани порача до актуелната власт дека граѓаните брзо и сигурно ќе му кажат крај на криминалот, неработењето, корупцијата и непотизмот, а скопјани очекуваат одговори на нивните прашања, на што се потрошени нивните народни пари сите овие четири години.

– Она што им е нејасно на скопјани е каде се потрошија 4 зголемени буџети на градот? Кој ги присвои овие пари? Кој потроши 4 години од нашите животи и од животот на Скопје, за денес повторно да ја бара довербата со истите ветувања, со истите лаги? Овие големи ветувања се и големи разочарувања. Но, нивното време завршува на 17ти октомври. Ќе ставиме крај на нереализираните ветувања, кои се заменуваат со макети и 3Д слики. Скопје нема да дозволи некој уште 4 години да му ја краде иднината, рече таа.

Арсовска се сретна и разговараше и со жителите од општина Бутел, кои ги споделија нивните потреби и барања за унапредување на квалитетот на животот во ова населено место, но и генерално како да се подобри и како заеднички да креираат град со кој сите ќе се гордеат дека живеат во него.

Подобрување на инфраструктурата, решавање на проблемот со водоснабдувањето и фекалната канализација и рамномерно вложување во сите општини и населени места подеднакво се клучните приоритети и недостатоци за кои побараа итно решавање.

– Повеќе нема да има заборавени населби. Скопје денес има населени места кои беа целосно заборавени од градските власти во овие четири години, а живеат во субстандардни услови, како што се Љуботен, Љубанци, Радишани и сите останати општини не само во општина Бутел, туку и генерално во градот. Ќе почнеме со решавање на проблемите уште од првиот ден. Јас сум човек што доаѓа од народот и ќе работам на исполнување на барањата токму на народот и заедно со нив да го направиме Скопје подобро место за живеење. Токму тоа е мојот врвен приоритет, порача Данела Арсовска, независната кандидатка за градоначалник на Скопје на средбата со граѓани во Бутел.

Арсовска дополнително се осврна и зборуваше за потребата скопјани и бутелчани да живеат во убав град и средени населени места, а покрај обезбедување на основни услови за живот, ќе овозможат гасификација на домаќинствата и инвестирање во нови сообраќајни решенија.

– Доколку сакаме модерен и европски град, со чиста и здрава животна средина тогаш предуслов е на граѓаните да им овозможиме гасификација за секое домаќинство со субвенционирање на приклучокот за истиот, а дополнително за овој дел од Скопје ќе овозможиме внатрешна обиколница која ќе ги поврзува Гази Баба и Бутел со останатите населби. Тоа е новиот булевар „Хрватска“,што исто така беше ветен, но не беше реализиран од актуелниот градоначалник во заминување, а ние ќе го направиме, рече Арсовска.

makfax.com.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата