Мицкоски: Изградија модуларни поради чиј неквалитет животот го загубија 14 луѓе, и мува не ги лази да понесат одговорност

14.10.2021
Vesnik.com
Мицкоски: Изградија модуларни поради чиј неквалитет животот го загубија 14 луѓе, и мува не ги лази да понесат одговорност

„Тие од власта гледаат да профитираат и на туѓата несреќа. Додека народот пати, додека народот живее крпен живот, тие пак не престануваат да крадат. Се сеќавате кога беше полниот ек на корона кризата, и кога немаше вакцини, стотици луѓе умреа од власта наместо да обезбедат вакцини, тие токмеа провизии при набавка на кинеските вакцини кои што беа неколку пати поскапи од сите останати“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот во Пехчево.

Мицкоски додаде дека од власта се навртеа да градат модуларни болници, кои се како кибрит, а поради чиј неквалитет животот го загубија 14 луѓе во Тетово, живи гореа, и мува не ги лази да понесат одговорност.

„Денес на врата ни топа една нова криза, енергетска криза. Тие се навртеа па на тендер од 50 милиони евра за увоз на јаглен од Косово. И тука никој не го поставува прашањето зошто да плаќаме за увоз, кога РЕК има ископ на јаглен. Одговорот е дека на РЕК се потсетуваат тогаш кога ќе треба некоја од струмички компании блиски до Заеви да земат тендер, а не и кога ќе треба да се копа јаглен. Таквата штета од недомаќинското работење на РЕК Битола ќе се плати од вашите пари, џебот на граѓаните, исто како што граѓаните ќе ја платат и штета за патиштата која ќе се случи поради увезениот јаглен. Тие и од ова ќе профитираат и ќе стрпаат уште еден милон плус“, рече Мицкоски.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата