Објавуваме уште еден документ што го потврдува големиот скандал со фирмите на Данела Арсовска, кои не плаќале струја со години, односно не платиле над 54.000 евра, посочи во денешното обраќање пратеникот од СДСМ, Дарко Каевски.
Тој обвини дека токму во периодот кога бил направен долгот или, како што кажа, кражбата на струја, Арсовска била управител на компанијата „Империјал Данела“, а потоа „Империјал“.
„Во 2014 година ЕВН констатира кражба на струја во вредност од 54.000 евра! А токму од 2013 година до 2014 година Арсовска била управител на оваа компанија. Тоа е вистината што ја покажуваат овие документи“, посочи претставникот на СДСМ.
Како што рече Каевски, Арсовска не ниту чесна ниту, пак, е независна, таа е иста како Груевски, чија кандидатка е.
„Ако не плаќала струја, не почитувала договор и направила милионски долгови, јасно е дека исто ќе се однесува и со парите на граѓаните, со градскиот буџет и со договорите на Градот. Тоа е впрочем одлика на кадрите на Никола Груевски. Тоа е одлика на ВМРО-ДПМНЕ, која 27 години го пустошеше Скопје“, обвини тој и ја повика Арсовска да излезе пред граѓаните на Скопје и да каже дали има и други вакви долгови и кон кого.
makfax.com.mk