Д.П. Латас

Што бележи тефтерот

19.09.2021
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Што бележи тефтерот

Во очекување кризниот штаб на Филипче да објави зошто сме сите ние, а не он, виновни за смртноста во епидемијава, барем едно ни е јасно – ни Филипче, ни суријата директори и шефови во тетовската болница нема да одговараат за смрт на најмалку 15 луѓе во пожарот во болницата.

Нема ни причина за нивна одговорност, смета капо ди тути капи, Зоран Заев. Он одлучува за истраги, обвинителите се само извршители на неговата воља. Службеници во неговиот премиерски кабинет. Он одлучува за судења, не за џабе во Апелација и Судскиот совет донесе свои избрани судии.

Он одлучува кој и како издржува казна затвор, или притвор. Затоа Рашковски е сликан како шета од куќен притвор, Боки 13 имал нешто работа низ град, Кичеец убива луѓе по патишта во слободно време а му се брои дека издржува затворска казна… Мора затвориве да пуштале на летен распуст, но само одбрани ликови, затоа Орце Камчев е ставен во самица, како знак на одмазда што го отвори случајот Рекет.

Затоа, не очекуваме одговорност, законска, за Филипче и божемните директори и шефови од тетовската болница за смрт на 15 луѓе во пожар. Не се уклапа во шемата. Ем се луѓе од доверба во СДСМ и ДУИ, ем шефовите во Тетово се Албанци, а пред судот они имаат поинакви права. Не за бадијала во врвот на судската власт половина и кусур се кадри на ДУИ.

Тоа што модуларната болница во Тетово е ставена во употреба иако имало незавршени работи, нема везе. Во тендерот на Филипче не се бара атест за безбедност од пожари, небаре клупи за во парк се купуваат. Нема ни елаборат за против пожарна заштита, а според намената мора да бидат отпорни на пожар барем 2 саати.

А, освен тоа, не е направен ни законски прием за употреба. Во гужвава и гневот на јавноста испуштивме еден битен детал. Болницата, како јавен објект, технички ја прима Министерството за транспорт, заедно со комисија во која, меѓу останатите, се и од Министерството за здравство. Јасно е, има директна одговорност за Филипче и министерот за транспорт, оној момакон донесен од Штип, му го заборавив името.

Плус, што ниту болницата, ниту луѓето во неа не се осигурани. Сега штетата е тотална. А и тоа, директно, е одговорност на Венко Филипче. Како и за директорот на тетовската болница кој, незаконски, 11 години е в.д. директор за што, повторно, одговара Филипче.

Ариф Арифи, шефот на Заштита и спасување во Тетово, од изведувачот на модуларната болница Брако од Велес, на прочуениот властољубив лик Анѓушев, доставил барање каде во точка 3 изрично бара вградување мерки и услови за заштита од пожари. Ни Филипче, ни Анѓушев, ни Брако не го есапеле ова. Би им се намалил ќарот од тендерот.

Филипче е политички мртов. Заев го држи на апарати во политичка клиничка смрт, и таков труп го носи на грб воочи избори. Сликата е морничава и одбивна. А сето тоа не е без причина. Филипче потпишува тендери од 120 милиони евра, се најавува и тендер од 550 милиони евра за Клинички центар Скопје… Кој, освен Филипче, подобро би ги одработил овие тендери за Фамилијата? Сетете се само на тендерот за кинески вакцини.

Затоа, математиката и тендерите одлучуваат: нема никој да одговара за пожарот во тетовската болница и 15-те загинати. Тоа решава, а не законот. Обвинители и судии нема во постапкава, решено е кај што треба, другото е рутинска одработка.

Истрага за пожарот не ни може да има. Ден потоа, и наредните денови, се топореа на лице место од Пендаровски до Артан Груби. Необезбедено место од масовно злосторство од полицијата и обвинителството. Каков и да постоел доказ, со ова исчезнал. Германските експерти може да дојдат и да се сликаат, доказите од местото на настанот им се уништени. И, случајно ли МВР и обвинителство не го обезбедиле местото?

Мачно беше да се гледаат протестите во Тетово, и пред штабот на ДУИ, кога очајни роднини и пријатели на настраданите отидоа пред штабот на Али Ахмети и бараа одговорност, бидејќи таму е коренот на ова зло дизајнирано од Ахмети и Филипче.

И, наместо да се извинат, да им дадат барем збор утеха, ДУИ наредија апсења и притвор за демонстрантите. И ги уапсија, ги притворија. Та тагуваат во затвор, не по дома. Замислете, се спротиставиле на полицајците што го бранеле ДУИ, и Али Ахмети. Штета, да носеа на себе маици со СЈО, и да се крстеа шарена револуција, па да пунеа куртони со боја и фрлаа по штабот на ДУИ денеска ќе беа на владини функции, а не во притвор.

Шарените “невладини“ што протестираа за смртта на кучето Идриз против минатата власт, сега за трагедија на 15 изгорени пациенти – ќутат. Полна им е устата кеш од разни владини “невладини“ проекти и од Фонд за иновации. За таа пара кликаат “Суперфилипче“. Толку беше од нив. А баш мислев дека, барем за фол, ќе гукнат. Ако не за друго, парите со кои ги тови владата се наши, од сите нас, не се од сметката на СДСМ.

После се владее паника, пред избориве, и во СДСМ и во ДУИ. Настаните и скандалите им се редат во низа. Тетово виси, а Теута Арифи е пред шлог со рејтинзите по кои само со брутална сила и пар милиони евра рушвет има шанса за победа. Шилегов е во истата ментална фаза. Данела Арсовска месец дена пред избори му води во Скопје, а Петре нема што ново да даде за Сарај и Кондово од кои очекува гласови за победа. Шилегов во Скопје губи, и тоа убедливо, спас му се само дилерите од Грчец и Сарај, а тоа веќе не е политика.

Последно, Шилегов најавува нов атер за Сарај и Кондово. Улицата во Визбегово ќе ја крстел Хасан Приштина. Лик од Косово кој во 1912. застапувал албанско-македонска држава и обединување на сите Албанци во регионот. Кој нема ништо допирно со македонската историја, напротив. Но, по одлуката на Заев да дозволи влез и престој на “косовска војска“ која не постои, и која не ни смее да постои според резолуцијата 1244 на ООН, тој Хасан Приштина најде свои следбеници во Македонија. Заев и Шилегов.

И, скопјани што се колнете во АСНОМ и Илинден, во Гоце, Киро Глигоров или генерал Апостолски, ќе гласате и поддржите ли наместо вас, Сарај, Конодово и дилерите на Шилегов да бираат градоначалник на вашето Скопје. Ќе гласате за Хасан Приштина?

Па, ако моите скопјани навистина паднат пред Суперхик, пред Петре Шилегов, со неговите “гласачи“ од Сарај и Кондово што му ветиле победа, Скопје треба да знае дека доброволно се откажува од посакуваниот живот во својот град, од своите вредности, и од себе.

Не знам ни зошто толку Шилегов запнал да биде по втор пат заптија на Скопје. За пет години собра четири стана, ја дуплира куќата, возниот парк му е милионски, изгради и палата во Маврово… Потроши 400 милиони евра скопски пари, а не видовме ништо за Скопје од тоа. Мотивите му се подмирени, но останува стравот од апсење. И со право.

Не е веќе така далеку времето кога ќе мора да се преиспитаат случаите, судењата по обвиненија од СЈО и работата на СЈО. Кој се, навистина, учествувал во Рекет. Кој ги штител и соработувал со дилерите од Арачиново, Грчец и пошироко. Кој е одговорен за 200 пасоши издадени на нарко дилери од Балканот. За трагедијата со Дурмо Турс. Кој крадел од изградбата на никогаш завршената клиничка болница во Штип. Кој крадел од автопатот Кичево-Охрид кој намерно не се завршува. За случајот Ден Дончев. Продажбата на депонијата Дрисла на мафијата од Хрватска и Германија. За 20 милиони евра државни пари делени преку Фонд за иновации и измислени владини проекти. Од каде се новите куќи на Шекеринска, Шилегов, Цароска… стекнати во време на нивниот мандат…

Ова е само забелешка, на дневна база, од тефтерот. Крајниот список е голем, цел нотес.

За да се среди овој хаос, корупција, власт на една Фамилија над цела држава, понижувања на поединец и цела нација, киднапирање цели системи и институции за свој профит… да се тргне по списокот, да се врати мирот и редот во кој сме навикнале да живееме, потребна е промена. Промената се решава на избори. Значи, бадијала е кукање и лелекање по фејсбук, самосожалување дека нас никој ништо не не прашува. Не е така. Еве, за месец дена секој од нас ќе биде прашан, на избори. И ќе го каже своето.

Секој може да го препознае моментот кога е дојдено доброто време. Тогаш кога нашите деца ќе сакаат да останат во Македонија, а политичарите по секоја цена ќе сакаат да заминат во странство. Сега е обратно. Тоа го чекаме, и можеме да го добиеме.

(Д.П. Латас, 0.09.2021)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата