КОЛКУ ЌЕ НЕ ЧИНИ замената на банкнотите со новото уставно име?!

16.09.2021
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
КОЛКУ ЌЕ НЕ ЧИНИ замената на банкнотите со новото уставно име?!

Народна банка ќе потроши околу 2,2 милиони евра за печатење на нови банкноти во апоени од 100, 1.000 и 2.000 денари. Веќе е договорен првиот оператор – руското акционерско друштво „Гознак“, кое ќе треба да ги изработи 100-ките за 24,6 милиони денари, или 400.000 евра.

За банкнотите од 1.000 и 2.000 денари треба да се извлече најповолната понуда на 20 септември, откако еднаш јавната набавка не успеа, а услугата ќе чини 107 милиони денари заедно.

На банкнотите наместо „Народна банка на Република Македонија“, ќе треба да пишува „Народна банка на Република Северна Македонија“. Ќе треба да бидат изработени за десет месеци, со што во оптек би биле пуштени на средината на идната година. Бројот на изработените банкноти од 100 денари треба да биде 20.000.000 единици.

„Гознак“ инаку е акционерско друштво од Москва со специјалност за изработка на кредитни и дебитни картички, а покрај рубљите, печати пари и за странски земји. Сега преостанува тендерот на централната банка за апоените од 1.000 и 2.000 денари, а понудите треба да се отворат на 20 септември.

– Рокот за доставување понуди по јавната набавка на книжните пари со апоенска вредност од 1000 и 2000 денари останува непроменет, до 10 часот на 20 септември 2021 година, за кога е закажано јавното отворање на доставените понуди.

На претходната постапката за јавна набавка на книжните и кованите пари со апоенска вредност од 1000 и 2000 денари не беше поднесена ниту една прифатлива понуда и од тие причини постапката беше поништена. Во однос на новата постапка, неби можеле да се произнесеме сѐ до моментот кога Комисијата за јавна набавка ќе изврши целосна евалуација на пристигнатите понуди, којашто следи по јавното отворање.

Повторената постапка за јавна набавка се однесува на набавката на книжните пари со апоенска вредност од 1000 и 2000 денари, со оглед на тоа што постапката за јавна набавка на книжните пари со апоенска вредност од 100 денари заврши успешно. Следствено, проценетата вредност на набавката на овие апоени изнесува 107 милиони денари, што е јасно видливо и наведено во Огласот за јавна набавка бр. 14628/2021, објавен на е-системот за јавни набавки, гласи подеталното објаснување кое го добивме од Народна банка.

За 20.000.000 банкноти од 1.000 денари треба да бидат платени 70 милиони денари, додека за 10.000.000 банкноти од 2.000 денари понудата од Народна банка е 37 милиони денари.

Според НБРСМ оваа замена на банкнотите се планирала заради нивната остареност, а ако веќе тоа се прави, ќе се направи и замената на името на институцијата што ги издава парите. Пуштањето во промет нема да биде пред јули 2022.

„Централната банка води сметка за природниот животен век на парите. Издавањето нови серии банкноти во апоени од 100, 1.000 и 2.000 денари во текот на оваа година беше планирано уште пред неколку години, врз основа на среднорочните анализи за количини што се потребни заради редовна замена на книжните и кованите пари од постојните изданија, кои ги изгубиле карактеристиките за соодветност за оптек, како и заради обезбедување и одржување континуитет на воспоставениот редовен процес на снабдување со готовина“, објаснија претходно од централната банка.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата