На две недели до први октомври, денот кога треба да стартува недела неработен ден, како сериозен проблем се наметнува фактот што се уште не се изгласани потребните закони за таа намера.
Како што е познато, за да стартува недела како неработен ден од почетокот на наредниот месец, ќе мора претходно пратениците да ги изгласаат измените на Законот за работни односи, како и измените на Законот за трговија, со кои ќе се уреди кои дејности ќе бидат исклучоци од прогласувањето на недела за слободен ден за работниците, колкава ќе биде дневницата и правата на оние што ќе работат во недела, но и како тоа прашање ќе се уреди за работењето на моловите.
Но, иако предлог законските измени до Собранието беа испратени уште на стартот на јули годинава, по долги преговори со претставниците на работниците и на бизнис заедницата, според нашите информации, тие закони не само што се уште не се изгласани од народните избраници, туку измените на ЗРО се уште не се поминати ниту на матичната собраниска Комисија за труд и социјална политика, а далеку од тоа да добијат „зелено светло“ на пленарна седница.
Точката за измените на ЗРО, претседателот на собраниската Комисија за труд и социјала, Хусни Исмаили, кој е од партијата Алтернатива, која е инаку опозициска партија во законодавниот дом, се уште не ја става на дневен ред на разгледување на комисијата. Зошто тоа се случува не е познато, но од власта постојано се апелира да се забрза ова прашање, иако засега, без резултати.
Во законот е јасно наведено дека како ден за неделен одмор на работниците ќе се смета недела. По исклучок, се вели во законските имени, за работниците кај работодавачите кај кои работниот процес е од таква природа што не може да се прекине поради техничко - технолошкиот процес и потребата од континуитет во работата, ден на неделен одмор може да биде друг ден во неделата.
Сите што ќе работат во недела, имаат право на додаток на плата за работа во недела, а тој изнесува најмалку 50 отсто за секој час поминат на работа, доколку со закон и колективен договор не е утврден повисок износ на додатокот. Исто така, овие работници, покрај правото на додаток на плата за работа во недела, имаат право и на користење на неделен одмор во наредните седум дена.
Законот предвидува и клуч на врата за фирмите кои ќе го кршат, но и парични казни.
„.... Ако инспекторот на трудот при инспекцискиот надзор констатира дека кај работодавачот работи работник во недела, со решение ќе му забрани на работодавачот вршење на работа во работната просторија или работниот простор каде е утврдена неправилноста, во траење од 15 дена, ќе му издаде прекршочен платен налог. Ако работодавачот не го прифати налогот или не го плати, надлежниот инспектор ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка, согласно Законот за прекршоците“, се вели во предлог законските измени.
Во самиот закон стои дека влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во Службен весник, а ќе почне да се применува од први октомври 2021 година.