(Видео) Заев: Културно-информативниот центар во Тирана ќе придонесе за презентирање на традицијата, културата и уметноста на нашата земја во Албанија

14.09.2021
(Видео) Заев: Културно-информативниот центар во Тирана ќе придонесе за презентирање на традицијата, културата и уметноста на нашата земја во Албанија

Премиерот Зоран Заев денеска по работниот ручек на лидерите на Западен Балкан со германската канцеларка Ангела Меркел го посети новоотворениот македонски Културно-информативен центар во Тирана.

„Отворањето на Културно-информативниот центар ќе придонесе за популаризација и презентирање на традицијата, културата и уметноста на нашата земја во Албанија и ќе овозможи навремено и изворно информирање на граѓаните за актуелните културни текови во нашата држава“, рече Заев и нагласи дека центарот ќе биде мост за зближување и заемно запознавање меѓу народите на двете земји.

Тој истакна дека просторот ќе биде сврталиште за настапи и средби за време на гостувањата на македонските театри во Тирана и во другите градови во Албанија, како и место за изложби, камерни концерти и средби на ликовните, музичките и другите уметници за време на нивните гостувања во пријателска Албанија.

„Сакаме колку што е можно поскоро да се воспостави реципроцитет за презентација и на албанската култура во Северна Македонија преку организирање разни настани, изложби, литературни и научни предавања, филмски проекции, промоција во медиумите и обезбедување информативни услуги за заинтересираните граѓани. Овие иницијативи се сериозни изрази на длабокото и искрено пријателство меѓу двете земји. Тие се израз на европскиот дух што автентично го негуваат и афирмираат и Албанија и Северна Македонија како соседни земји кои се почитуваат и заеднички ги практикуваат европските вредности за добрососедство“, изјави Заев.

Овие вредности, според него, се доказ дека и двете земји се дел од европското семејство, дека таму припаѓаат, и дека со многу исполнети критериуми го заслужуваат и формално своето место во заедничкиот дом – Европската Унија.

makfax.com.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата