Ова не е за Меси и Роналдо

05.09.2021
Ова не е за Меси и Роналдо

Да споделам неколку поенти од она што го забележав (без да сакам) изминатава недела, па ќе пишувам за тоа што всушност ми е намера.

Еден. Меси и Роналдо заминаа од Барса и од Јуве.

Два. Локални избори и граѓанството луѓенца. Ако сакаш да им ја видиш суштината, наспроти формата со која се рекламираат себе, извади убава жена со кариера и стави ја да им биде противник. Формално тие се интелигентни, прогресивни, со отворен ум за различни мислења, урбани, убави, модерни, креативни и остварени личности.

Во суштина тие се хистерична интелектуална бижутерија деструктивни сељачишта со испран мозок, полни вулгарна злорадост, неостварени „битија“ што уживаат да линчуваат секого што не мисли како нив, а урбана, убава и модерна им е само брендираната гардероба под која живее шовинизам. Затоа извади убава жена што не им е по ќеф и ќе им го видиш примитивизмот што секогаш го наоѓаат кај други.

Три. Меси во ПСЖ, Роналдо во Јунајтед.

Четири. Европската Унија, таа хуманистичка вештачка творевина што мастурбира на укинување идентитети на народи што имале цивилизација кога тие биле варвари, го стави Нордистан на црна листа поради големиот број новозаразени и починати од ковид-19. Венко Филипче се израдува на ова затоа што одело во прилог на неговите мерки за присилна вакцинација.

Се израдував и јас. Како некој што не е антиваксер, ниту се занимава со темите про и контра, туку си велев, океј, може и да се вакцинирам со кинеска вакцина, ама одлучив да не го правам тоа откако ги видов мерките за сегрегација на луѓето, макар и ми забраниле да купувам храна, па умрел од глад (повеќе сакам да умрам како човечко битие, отколку да живеам како среќен роб), сега имам уште една причина да истраам невакциниран и да се радувам на истото тоа.

Штом јас невакциниран ги држам Заев, Филипче и нивните Нордистанци подалеку од ЕУ, тоа за мене е уште една причина да останам на своето.

Пет. Трансфер-бомба, Меси го облече дресот на ПСЖ, Роналдо им се враќа на „бебињата“.

Шест. Овие почнаа со кампањи за локални. Сите ќе воделе позитивна кампања. На толку позитивни јас веднаш влегувам во духовен и телесен карантин. Се појавија 7.398 независни кандидати. Мене веднаш ме маваат зависности, па фаќам друг простор и паралелно време.

СДСМ нема да ги кандидира повеќето свои досегашни градоначалници, кои, секако, беа најдобри и изградија толку колку што „е па, ај ако не ВМРО да го вратиме“ не може ни да искречи. И сега вие, глупи, се прашувате, па што ги менуваат, ако се толку добри и народ ги обожава?

Мора да намалат со блескавост, оти светот веќе паѓа во депресија што не може да го следи нордистанскиот развој. Патем, во СДСМ сите се најдобри. Мене ми станува јасно дека најдобро е да ја напуштам оваа точка оти веќе почна да ме заразува нивната блескавост, а тоа, како небањат, не ми е природна средина.

Седум. Неверојатно. Меси се симна од автобусот и заедно со соиграчите се упати кон соблекувалните во „Паркот на принцовите“.

Осум. Откако успеаја да ве издресираат и претворат во ковид-зомби армија, сега тоа ќе го спроведат и врз вашите деца преку мерките во училиштата. Вие само ќе кимате со главите, ќе речете, тоа е, така одлучија повисоките од горе и ќе си продолжите меѓу ниските… со ниските страсти. Јас немам деца, имам само ниски страсти, ама пак ќе кажам… жал ми е само за децата.

Девет. Нема да верувате кога ќе видите што прво направи Роналдо на „Олд Трафорд“.

Десет. Стигнаа првите Авганистанци. Проамериканскиот енџио-сектор од Кабул бегајќи од талибаните заврши во Нордистан. Едвај чекам да се соземат, да отворат невладини организации и да почнат да се тепаат за грантови со нашиве. Единаесет. Меси ѝ намигна на публиката.

Дванаесет. Сензационално!!! Колумнистот Русјаков ги напушта темите поврзани со Нордистан и се префрла на светски проблеми. Дванаесет А. Заев кажа дека „Република С. Македонија“ е противуставно. Се согласувам со премиерот на Нордистан.

Тринаесет. Роналдо ја најде копачката со која Алекс Фергусон го рокна по глава.

Четиринаесет. Талибаните спроведоа симболичен погреб. Шетаа ковчези со знамиња на САД, НАТО и Велика Британија. Гробницата за империи го погреба западниот варваризам. Ова дојде како одмор меѓу дузина клипови на талибани по фитнес-центри, лунапаркови, во хеликоптери, дури играат „бззз“ и „мрсна фота“ што сами ги постираат на Фејсбук и Твитер каде што на Трамп му е забрането да пишува.

Петнаесет. Знам дека во светот на фудбалот се случуваат и други интересни ствари, ама Меси и Роналдо сабајлево доручкуваа.

Шеснаесет. Уште нешто за Авганистан. Не помина ни една недела од капитулацијата на САД, НАТО и сојузниците, а веднаш се појави ИСИС? Оној ист ИСИС што качен на „тојоти“ и со најсовремено оружје падна од небо во Сирија. Па Американците тргнаа да го тепаат. И го тепаа, тепаа, додека на крајот не дојдоа Русите за да го претворат во пустинска прашина. Што значи дека победија Американците.

И сега откако храбро и херојски побегнаа од Авганистан, еве ги пак ИСИС. Се разнесуваат бомбаши самоубијци, убиваат маринци што последни останаа. Е добро, каде беа досега ИСИС? Може лечеа трауми од руски песни. Знаете, „Катјуша“ и слична руска музика што ти прави експлозии во главата и околу неа. Па сега откако поминаа кура за намалување стрес од руски рафални рефрени, време е да излезат на терен од санаториумите на ЦИА. Зошто?

Затоа што по бруката во Авганистан, Бајден и неговата администрација мора нешто да кажат. На пример, сега ќе ја види ИСИС одмаздничката моќ на САД. Или, Америка нема да им прости на терористите од ИСИС. Па медиумите ќе пренесат, вклучувајќи ги и нордистанските папагали, цитирам, „Најмоќната армија на светот тргна во лов на ИСИС“, со акцент на најмоќната.

Седумнаесет. Меси твитна: „Русјаков, да не заборави што кажа во првата реченица од колумнава?“

Осумнаесет. Џорџ Сорос тргна во напад на Кси Џипинг. Кина во паника. Дали е на повидок шарена револуција во Пекинг и во Шангај? Како на мандарински се кажува „Нема правда, нема мир“ и „Нордистан да ви се деси“ и секако, „Шуто и рогато“?

Деветнаесет. Роналдо на Фејсбук: „Русјаков, за што сакаше да ни пишуваш? Нели тоа го најави на почетокот?“

Дваесет: Да, оваа колумна сакав да ви пишувам за тоа како вчера дознав нешто што нема да ви се верува… е, фак, немам простор!

Александар Русјаков

 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата