Завршија претседателските избори. СДСМ, ДУИ, ДПА и делот од Беса како и гласовите на Алијансата на Албанците во вториот круг обезбедија победа, и тоа со околу 58.000 гласови предност, за Стево Пендаровски.

После се на Стево Пендаровски треба да му се честита победата. Некому е поради тоа мило, некому тажно, многумина се гневни... но, победникот си е – победник. Сега, по овие избори, СДСМ ја има целосната, тотална власт во државата врз Собранието, владата, претседателскиот кабинет, судовите, обвинителствата, медиумите, невладиниот сектор, спортските организации, синдикатите... се што мрда во државата е под нивна контрола.

Таа моќ, сосема извесно, сега ќе стане степен побрутална, понеодговорна и поалчна отколку досега. Од овие избори ќе црпат право да бидат такви. Сега, дали гласачите мислеа и сакаа да им го дадат токму ова право, е друга работа, но оној кој има тотална власт верува и дека е тотално во право со таа власт да прави што сака.

Вон контрола на СДСМ остана само ВМРО ДПМНЕ. Но, нема да помине многу време и  неограничената власт на СДСМ ќе посегне и по таа територија. Ќе почнат нивните портали, а потоа медиумите за да следат самонаречените експерти дека во ВМРО ДПМНЕ треба да има ново раководство кое, согласно тоталитарната пракса, во заднината ќе го избира, промовира и финансира СДСМ. Кога имаш тотална власт по сила на ширење од физиката и суетата не поднесуваш остров кој не е твој, кој не го контролираш и манипулираш.

Има ли причина во ВМРО ДПМНЕ за грижа околу ова. Има. Има ли сила за одбрана од финалниот напад на СДСМ за воспоставување апсолутна власт и партиска контрола во државата. И тоа има. ВМРО ДПМНЕ на овие избори освои околу 377.000 гласови, во услови на одреден бојкот од своите гласачи, и со кандидатката која е ново лице и во политиката на ВМРО ДПМНЕ, а и во политиката воопшто бидејќи вон неа била 20 години.

На последните локални избори ВМРО ДПМНЕ освои околу 335.000 гласови, или околу 42.000 гласови повеќе имаат сега, при далеку помала излезност на гласањето, во однос на локалните избори. Тоа говори дека партијата е застаната на нозе, и ја враќа довербата на гласачите. Година ипол очигледно било кратко време за да се придобијат уште гласачи, доволни и за победа на овие избори. Но, до парламентарните има доволно време.

Како што е речено, следи тотална власт со тотална контрола над се што мисли и мрда во Македонија, и тоа е врвот на СДСМ. Повисоко од тотална власт – нема. Кога си на врвот секој следен чекор те води – надоле. Особено кога имаш тотална власт која никаде и во ниедно општество не е прифатлива, и создава отпор по инерција. Сам од себе.

ВМРО ДПМНЕ мора сериозно да размисли зошто, по моја проценка, околу 25-30.000 нивни гласачи решија да не гласаат на овие избори? Одговорот дека не им се допаднала кандидатката за претседател е наивен. Себичен и нерационален. Ако тие што себе се сметаат за вмровци, после се што се случи со националните, политички и економски прашања во Македонија последниве две години решиле да бојкотираат заради личен вкус, тогаш тие немаат ништо допирно и заедничко со ВМРО ДПМНЕ. Ниту со опозцијата.

Втората причина за бојкот на вмровците која може видно да се забележи по социјалните мрежи е дека ова раководство на ВМРО ДПМНЕ лесно и брзо се откажало од сите кои се прогонети од СДСМ и нивните обвинителства и судови, дека переле раце од оние кои по функција или по свој избор придонеле ВМРО ДПМНЕ да израсне во тоа што е сега: моќна партија која десет пати по ред го победувала СДСМ на избори. Дополнително, зошто не повикале на бојкот на референдумот... Има тука многу за размислување, и не е можно да се даде совет или решение во еден новинарски текст. Нешто држи, а нешто не држи вода.

А СДСМ? Што после победата на нивниот кандидат Стево Пендаровски. Уште од прва да кажам дека оваа победа ќе им донесе повеќе проблеми отколку бенефиции, и тие го знаат тоа. Внатре, во нивните системи, партиите размислуваат и делуваат далеку порационално и врз основа на бројки и математика, отколку што тоа се гледа однадвор.

Прво, СДСМ има голем проблем да се носи со предизвикот на тотална власт. Власт врз се и сешто, врз секоја институција, поединец, администрација, бизниси... врз се! Тешко сега ќе ги запрат своите партиски шефови, судии, обвинители, медиуми, бизнисмени... да ја покажат и спроведуваат тоталната власт на дело. Во реалниот секојдневен свет.

Имаат нови финансиски и политички долгови кон ДУИ, а сега и кон Алијансата на Села. Артан Груби веднаш по изборите изјави: ДУИ го определи претседателот на собрание, го избра премиерот, а сега го избра и претседателот на државата. Фактурата е пратена.

Стево Пендаровски победи со околу 58.000 гласови. Но, ако се влезе подлабоко во бројките во општините со доминантно албанско население, Пендаровски ги оствари следниве разлики: Липково – разлика 6.500 гласови, Арачиново 2.900, Студеничани 4.100, Желино 3.600, Сарај 7.800, Тетово 10.000, Боговиње 4.400, Врапчиште 4.000, Гостивар 8.000, Дебар 3.500, Кичево 3.000, Струга 6.500... само тука, без Скопје или Куманово,  СДСМ освои 64.300 албански гласови повеќе од ВМРО ДПМНЕ. Повторувам, без големите Скопје и Куманово.

Со оглед дека СДСМ на претседеталските избори загуби во речиси сите поголеми градови со доминантно македонско население, освен Куманово и Струмица, влучително и пораз во градот Скопје, во право е Ахмети дека тој им ја донел победата. Општините со доминантно албанско население, и тоа без да сметаме гласови на Албанците во Скопје и Куманово, му донесоа повеќе гласови отколку што е разликата во победата на Пендаровски..

Оттука, не по проценка туку по пресметка, и заклучокот дека на овие избори, еден спроти друг, ВМРО ДПМНЕ освои повеќе гласови од СДСМ. ВМРО со 377.000 сега освоени има 42.000 гласови повеќе од локалните избори, а СДСМ заедно со ДУИ, ДПА, Беса и Алијансата освои 435.000 гласови, додека сами на локалните избори освоија 415.000 гласови. Заклучок, од бројки произлезен, е дака СДСМ паднале за најмалку 50.000 гласови во однос на локалните избори. А на парламентарни секоја партија ќе се бори за себе.

После ова СДСМ влегува во стапица и обврска да им ги плаќа фактурите за победата на ДУИ, ДПА, Беса и Алијансата. Прво низ незаконски и коруптивни тендери, бизниси и вработуавња, а потоа и низ нови политички и етнички отстапки на Албанците. А дадено е се, освен федерализација низ групирање и унија на општини со мнозинско албанско население и декларација дека Македонија и Југославија вршеле геноцид над Албанците.

Корупцијата ќе биде пуштена на најјако. А тоа ќе го гледаат сите, и домашната јавност, но и странските дипломати. А од таа обврска нема бегање, тоа го знаат и во СДСМ.

А Македонците? Си ја завршија работата сами против себе. Сега е секому јасно дека договорот од Преспа е завршена работа, одобрена. И да имаше масовен бојкот, да пропаднеа овие избори, пак ќе беше така бидејќи не може да се бојкотираат до бескрај, сто пати. Да гласаа на овие избори за Гордана Сиљановска, ќе имаше шанса и за некои поправки, или барем да се запре понатамошното уривање на националните интереси. Вака, сега, Македонците изгласаа дека се спремни на скок во празно без падобран.

Не треба многу памет да се види што се случи: одобрување сите албански партии да се здружат против најголемата македонска партија, и да победат формално преку СДСМ. Дали некому не е јасно зошто ќе се спроведуваат само албански, а не и македонски интереси.

Британците по војната гласаа против Черчил, иако војната ја доби. Му порачаа: ја доби војната, но ја загуби империјата.

Политиката се темели на две работи: искуство од историјата и интереси. Дали некој се запрашал зошто последниве 150 години свои сојузници имале Грците, Бугарите, Србите, Албанците... а Македонците никогаш, во ниту еден период, немале сојузник во некоја од големите сили. Веројатно имало причина. Можеби затоа што немаме национално чувство.

Кој дава пари на заем на некој што решил да се самоубие?!

(06.05.2019)

Најчитани вести