(Видео) Олимпиецот Георгиевски на прием кај Заев во Владата

31.07.2021
(Видео) Олимпиецот Георгиевски на прием кај Заев во Владата

Премиерот, Зоран Заев, го прими носителот на сребрениот медал на Летните олимписки игри во Токио во таеквондо Дејан Георгиевски, кој беше во придружба на тренерите Дарко Костовски и Борче Костовски.

Премиерот Заев му честиташе на сребрениот олимпиец Георгиевски и му се заблагодари за радоста што им ја донесе на граѓаните на земјата од Токио. Заев истакна дека Дејан е пример и модел за младите дека ништо не е недостижно, дури и олимписките врвови кога талентот оди заедно со посветеноста за најдобри резултати и со упорноста да се постигнат.

За време на разговорот премиерот Заев рече дека успехот на Георгиевски е поттик за Агенцијата за млади и спорт да ги унапреди условите за развој на таеквондото и другите олимписки дисциплини за кои постои широк интерес меѓу младите.

Владата на 93-та седница ја дополни одлуката за паричната награда за постигнатиот врвен олимписки успех и таа сега е поголема за 800.000 денари и изнесува 2 милиони денари од страна на Владата и 600.000 денари од страна на Агенцијата за млади и спорт.

makfax.com.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата