МВР: За пукање на свадби се предвидени и затворски казни

30.07.2021
МВР: За пукање на свадби се предвидени и затворски казни

Министерството за внатрешни работи соопшти дека денеска во општина Студеничани се одржа вонредна седница на Советот на општина Студеничани, на која присустуваа градоначалникот на општина Студеничани Азем Садики, директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски заедно со помошник директорот Шефик Бајрами, како и командирот на ПС Драчево Миле Трифуновски.

На седницата беше разгледана безбедносната состојба на подрачјето на општина Студеничани, која е оценета како стабилна, со тенденција кон подобрување, посочија од ова министерство.

Додаваат дека особено внимание беше посветено на пукањето со огнено оружје на семејните веселби и мерките за спречување на оваа појава.

„Советот на општина Студеничани, градоначалникот и Министертвото за внатрешни работи ги повикуваат сите граѓани да се воздржат од пукање со огнено оружје на семејни веселби, затоа што тоа може да предизвика тешки последици. Пукањето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а паричната глоба за ваков вид прекршок се движи од 200 до 500 евра (член 31)“, нагласуваат од МВР.

Зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“, за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години (член 288 од Кривичниот законик). Ваквите активности како што најавија од МВР во наредните денови ќе продолжат и во другите општини.

makfax.com.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата