Грција ја проширува обрската за тестирање на целиот туристички сектор

22.07.2021
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Грција ја проширува обрската за тестирање на целиот туристички сектор

Грција денеска соопшти дека сите вработени во рестораните и туристичкиот сектор низ целата земја мора да бидат подложени на редовни тестови за Ковид-19, со што се проширува обврската која претходно се применуваше само на некои острови популарни меѓу туристите, откако бројот на заразени и натаму расте.

По катастрофалната 2020 година за туризмот, Грција ги укина повеќето ограничувања, надевајќи се на барем делумно заживување на клучната туристичка индустрија во текот на летото, објави „Ројтерс“.

Но, по повторното зголемување на бројот на заразени од коронавирус во последните неколку недели, поради брзото ширењето на позаразната делта варијанта, Грција минатата седмица нареди двапати неделно да се тестираат работниците кои не биле вакцинирани, а работат во рестораните и туристичките компании на некои од главните острови во земјата.

Истото правило сега ќе важи и за работниците во овие сектори низ цела Грција, рече заменик-министерот за цивилна заштита, Никос Хардалијас на прес-конференција.

„Нашата цел е земјата да продолжи да испраќа порака дека била и ќе остане безбедна туристичка дестинација“, посочи тој.

И покрај неодамнешните ограничувања, случаите на островот Миконос брзо се раширија, принудувајќи ги властите минатата недела да воведат ноќен полициски час и забрана за музика од 26 јули.

Хардалијас рече дека ситуацијата на Миконос е малку подобрена и дека властите ќе одлучат за продолжување или откажување на мерките во наредните денови.

makfax.com.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата