Иранскиот претседател Хасан Рухани најави отворање на првиот нафтен терминал во земјата во Оманскиот Залив што ќе му овозможи на Техеран да избегне користење на бродската рута преку теснецот Ормуз, пренесува „Спутник“.
„Ова е стратешки потег и важен чекор за Иран кој ќе обезбеди продолжување на нашиот извоз на нафта. Денес, првата пратка од 100 тони нафта е натоварена надвор од теснецот Ормуз. Ова го покажува неуспехот на американските санкции“ , рече Рухани во телевизискиот говор во четвртокот, осврнувајќи се на гасоводот Горех-Јаскоил долг 1.000 км.
Производството на нафта во Исламската република значително се намали во последните три години по воведувањето на строги енергетски санкции од страна на САД, кои еднострано го напуштија иранскиот нуклеарен договор во 2018 година.
Рухани додаде дека Иран почнал со работата на извозниот терминал на пристаништето Бандар-е-Јаск во регионот Макран и дека извозот на нафта од Иран нема да биде запрен дури и ако меѓународниот поморски премин еден ден се затвори, алудирајќи на теснецот Ормуз.
Иранскиот претседател исто така рече дека Техеран планира да извезува најмалку 1 милион барели дневно нафта од новиот цевковод на иранскиот брег на Оманскиот залив, јужно од теснецот Ормуз.
Сместен помеѓу Персискиот Залив и Оманскиот Залив, теснецот Ормуз е клучен канал што производителите на нафта го користат за транспорт на сурова нафта од Блискиот Исток до пазарите во светот.
makfax.com.mk