Skip to main content
x

22 Jul 2021 - 10:40
redakcija
Статија

Епидемиолошката состојба во Словенија се влошува последните денови, потврдени се 111 инфекции со коронавирус во последните 24 часа, но тема на денот е нејасната изјава на владиниот епидемиолог кој ги советуваше словенечките туристи да не одат во странство по 15 август.

„Препорачувам секој што ќе замине на одмор во странство да се врати до 15 август“, рече Милан Крек, кој е на чело на словенечкиот Институт за јавно здравје, на владината прес-конференција во вторникот, разговарајќи за опасностите од новиот бран поради делта варијантата и потребата да се забрза вакцинацијата на населението за да се направи есента безбедна.

Бидејќи не спомна за кои туристички дестинации мисли или прецизира дали им препорачува да останат дома и на оние кои биле вакцинирани со потребните дози, имаше многу реакции на неговата изјава.

Министерот за здравство Јанез Поклокар подоцна за Словенска Телевизија изјави дека Крек сакал да ги предупреди оние што заминуваат во странство дека ниту една земја, па дури ниту оние со поголема вакцинација од Словенија не го достигнале потребниот колективен имунитет или посакуваното ниво на вакцинација што би ги заштитило луѓето од заразни варијанта и дека предупредувањето треба да се сфати како желба да нема затворање на образовниот систем наесен, како во минатата и оваа година.

Нешто поинакво е толкувањето на Матеја Логар, главниот епидемиолог во владиниот експертски тим, кој вели дека Крек сакал да нагласи дека на одмор треба луѓето да се однесуваат одговорно во контакт со луѓе од различно потекло и да се избегнуваат ризични собири.

“Ако се однесуваме на безбеден начин, тогаш можноста за доведување на вирусот во Словенија е помала. Апелирам до сите да се однесуваат одговорно и на годишен одмор и да ги почитуваат основните мерки за да можеме да одиме на одмор по 15 август”, рече Логар за медиумите.

Владата објави дека 111 нови инфекции се потврдени за 24 часа, значително повеќе од претходниот ден кога имаше 88 и најголем број на инфекции во еден ден по 15 јуни. Некои други епидемиолошки податоци исто така се влошуваат.

Иако хоспитализациите не се зголемуваат и нема пријавено нови смртни случаи веќе девет дена како резултат на ковид-19, загрижувачки е што бројот на позитивни тестови се зголемува, достигнувајќи 6,1 процент во последните 24 часа.