Skip to main content
x

21 Jul 2021 - 16:40
redakcija
Статија

Том Барак (74), близок сојузник и советник на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, беше обвинет во вторникот за незаконско лобирање кај Трамп во име на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), пренесува „Хил“.

Барак е еден од тројцата мажи што се товарат дека дејствувале како нерегистрирани странски агенти и треба да биде изведен пред суд во државата Калифорнија.

„Барак, Метју Гримс (27) и Рашид Ал-Малик (43) се обвинети за дејствување и заговор за дејствување како агенти на ОАЕ меѓу април 2016 и април 2018 година“, се вели во соопштението.

Обвинението од седум точки ги товари за незаконски обид да ги унапредат интересите на ОАЕ по налог на високи функционери влијаејќи врз надворешнополитичките ставови на претседателската кампања на Трамп во 2016 година и по неговиот избор во Белата куќа, посочува американското Министерство за правда.

Барак, кој беше претседател на инаугуративниот комитет на Трамп во 2017 година, одделно се соочува со обвиненија за попречување на правдата и давање повеќе лажни изјави во разговор со федерални агенти во јуни 2019 година.

Лобирањето во име на странска влада не е само по себе кривично дело во САД, но оние што го прават тоа мора да се регистрираат како агенти на странска влада во американското Министерство за правда, според Законот за регистрација на странските агенти.

 

makfax.com.mk