Skip to main content
x

20 Jul 2021 - 12:20
redakcija
Статија

За нешто повеќе од еден месец во Хрватска беа пронајдени петмина мртви војници надвор од службата, а државниот секретар во Министерството за одбрана, Здравко Јакоп, тврди дека ниту еденод тие смртни случаи нема никаква врска со армиската служба.

Без да ги прецизира причините за смртта на петте војници, чии тела беа пронајдени на различни места и надвор од касарната, Јакоп зборува за превенција. Тој вели дека ги алармирале командните структури и воените психолози за да ги анализираат можните причини и врски помеѓу случаите за да може превентивно да се дејствува во иднина.

Министерството за одбрана, рече тој, ги следи ваквите настани, работи на превентивно дејствување и спречување тоа да се случува во армискиот систем.

– За жал, Министерството за одбрана и вооружените сили не се исклучени од општеството, а некои податоци покажуваат дека во 2020 година, 566 лица извршиле самоубиство, што е 14 на 100.000. Министерството за одбрана е под тој просек, но уште еднаш повторувам – секој човечки живот е незаменлив и нашата обврска и улога на Министерството за одбрана е да видиме како да ги сведеме овие настани на минимум и евентуално да ги спречиме  – рече Јакоп како гостин во загрепската Н1 телевизија.

Како изговор за оваа серија на необјасниви смртни случаи, Јакоп ја посочува и ситуацијата со Корона вирусот.

– И командантите и воените психолози се одговорни за континуиран мониторинг, но по првите случаи оваа година, направивме дополнителен напор анализирајќи што всушност се случува. Живееме во други поинакви времиња со нови околности, а тоа е Ковид-19 и некако дојдовме до сознание дека ниту еден случај што се случил не се случил заради некоја ситуација во службата, некаков мобинг, притисок или нешто друго – рече тој.

Најчесто, вели тој, тоа е тешка животна ситуација или на некој начин поврзана со одредени зависности.

– Продолжуваме да ги спроведуваме сите активности и ќе се обидеме некако да дејствуваме превентивно. Во тој дел, презедовме одредени освежувања на програмата, што се однесува до школувањето, но и да им помогнеме на командантите и психолозите кои работат со луѓето за да може да се преземат превентивни активности – додаде Јакоп.

Командантите и психолозите ќе бидат дополнително едуцирани со цел полесно да препознаат кои војници имаат проблеми, рече тој, додавајќи дека Министерството за одбрана во моментов има доволен број психолози, но дека секој систем се стреми кон подобро, поголемо, посилно.

Тој исто така напомена дека секој војник „е направен од крв и месо со свој приватен живот и ние се обидуваме да помогнеме тој приватен дел од животот да биде што подобар“.