Да се извезува СУВ ЦВЕТ ОД КАНАБИС за медицински цели – Предлог Закон на Владата за опојни дроги

19.07.2021
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Да се извезува СУВ ЦВЕТ ОД КАНАБИС за медицински цели – Предлог Закон на Владата за опојни дроги

Владата на денешната 88-ма седница го утврди текстот на Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции со кој се овозможува извоз на сув цвет добиен со одгледување на канабисот за медицински цели така што на правните лица одгледувачи на канабисот им е овозможено веќе произведените количини на сув хербален производ како опојна дрога да ги пласираат на пазарите во Европа и пошироко при тоа почитувајќи ги меѓународните конвенции и европското законодавство што ја регулира материјата.

Од владата велат дека во овој предлог закон се транспонирани повеќе рамковни одлуки и директиви на Европскиот Парламент и на Европскиот Совет за усогласување на оваа дејност со регулативата на ЕУ, како и со повеќе конвенции како што се Единствената конвенција за наркотични дроги на Обединетите нации од 1961 година со Протокол за дополнување од 1972; Конвенцијата за психотропни супстанции на Обединетите нации од 1971 година и Конвенција на Обединетите нации против недозволена трговија со опојни дроги и психотропни супстанции од 1988 година.

Се додава дека една од новините во предложените законски решенија, која произлегува од овие усогласувања, е формирање на Агенцијата за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производство на канабис и препарати од канабис за медицински и научни цели која работите од својата надлежност, ги врши врз основа на начелата на законитост, стручност, професионалност, одговорност, ефикасност и транспарентност.

– Решенијата содржани во предлогот на законот, покрај тоа што се усогласени со правото на ЕУ и со меѓународните акти, содржат и сопствени национални решенија кои се во функција на регулирање и соодветна практична имплементација на предметниот закон што ќе обезбеди подобра контрола на опојните дроги и психотропните супстанции, велат од владата.

Според владиното соопштение уште една значајна новина во Предлог-законот за опојни дроги е обврската на компаниите со лиценци за одгледување канабис во медицински цели да уплатуваат средства во висина од 10% од нето добивката остварена во тековната година на соодветна сметка во Буџетот на Македонија.

– Средствата собрани на оваа посебна сметка ќе бидат наменети за проекти од јавен интерес како што се поддршка на фондот за ретки болести, поддршка на фондот за медиуми, како и на програмските приоритети во спортот, културата, граѓанскиот сектор, како и за поддршка на работата на новопредвидената Агенција, соопштија од Владата.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата