Денеска на програмата се три натпревари на ЕУРО 2020. И сите три се од 2.коло во групната фаза. Фудбалското уживање почнува со првиот меч, оној од 15 часот, и тоа помеѓу Шведска и Словачка од групата Е. По ремито со Шпанија, Швеѓаните посакуваат три бода, додека Словаците се во подобра ситуација, ако се знае дека тие на стартот славеа против Полска.

Овој натпревар се игра на “Крестовски“ стадионот во Санкт Петербург.

Вториот дуел се игра во Глазгов, на “Хемпеден парк“ стадионот и тоа со почеток од 18 часот. Ова е средба од групата Д. Се очекува конечно светскиот вицешампион, селекцијата на Хрватска да покаже што знае и тоа против Чешка. По поразот од Англија во првото коло, момците на селекторот Златко Далиќ ќе мора да одат на се или ништо. Само победа и три бода им одговара на “коцкестите“, иако и со реми сите шанси за пласман во следната фаза нема да бидат загубени.

И тоа е можеби е дербито денеска. Но, сепак, поради ривалството, моменталната политичка ситуација на Островот, фановите на двете селекции, во фудбалска Европа се смета дека мечот на денот е оној меѓу Англија и Шкотска, исто од групата Д.

Се среќаваат старите, лутите и вечните ривали вечерва од 21 часот на “Вембли“. Секако дека Англија е голем фаворит, се освен нивна победа би било големо изненадување, но кој може борбените Шкоти предвреме да ги отпише.

Со победа и три бода момците на Герет Саутгејт ќе стават печат на пласманот во 1/8 финалето, додека Шкотите во овој меч влегуваат без бодови, по оној почетен пораз од Чешка.

sportmedia.mk