Анастасија Павличенкова (Русија) и Барбора Крејчикова (Чешка) се тенисерките кои во сабота во 15 часот ќе играат во финалето на Ролан Гарос.

Во првото полуфинале денеска, Павличенкова со 2:0 во сетови (7:5 и 6:3 во гемови) ја победи Тамара Зиданшек од Словенија. Овој меч траеше околу час и половина.

Но затоа во второто полуфинале, меѓу Крејчикова и Марија Сакари од Грција, имаше вистинска драма која траеше речиси 3,5 часа.

Првиот сет го доби Крејчикова со 7:5 во гемови, следуваше сет за грчката тенисерка и тоа со 6:4. Во третиот, решавачки сет, Сакари имаше и меч топка, но Крејчикова се спаси и успеа на крајот со 7:5 да го освои сетот а со тоа и да победи со вкупни 2:1.

Кога сме кај тенисот, да споменеме дека утре со почеток од 17.30 часот ќе гледаме спектакл на Ролан Гарос. Во второто полуфинале се среќаваат Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал, тоа ќе биде уште една тениска класика.

sportmedia.mk