30-годишната учесничка Џејн Марцевски го воодушеви жирито на во шоуто „America’s Got Talent“ со својот глас, а нејзината потресна, тажна, но инспиративна приказна ќе ве расплаче…

Џејн, со уметничкото име „Nightbirde“ на шоуто ја претстави и испеа својата оригинална песна „It’s OK“. Како што раскажа, токму таа песна ја опишува последната година од нејзиниот живот, во која се бори со рак на белите дробови, ‘рбетот и црниот дроб. Лекарите ѝ рекле дека има само 2% шанси да преживее, но Џејн била оптимист.

„Важно е секој да знае дека сум многу повеќе од лошите работи што ми се случуваат… Два проценти не е нула. Два проценти се нешто“, истакна девојката.

„Знаете, имаме многу пејачи, но кога мислам на автентичноста… Тоа не може да се опише, тоа едноставно можеш да го почувствуваш, те возбудува. Ми се чини дека ова е најавтентичното нешто што го имам слушнато оваа сезона“, ѝ рече Хауи Мандел по настапот.

Софија Вергара се согласи со него. „Беше неверојатно. Беше моќно, беше искрено. Мислам дека си неверојатна“, рече Вергара.

Хајди Клум додаде дека Џејн ја наежила со нејзиното пеење, а и Сајмон Кауел имаше само пофални зборови.