„Една ноќ ме зема, а сега те нема. Како лист ме скина, животот ми мина. Да си мерак песна да те испеам…“, се стиховите кои ја одбележаа далечната 1988 година. Темата “Да си мерак песна“ која тогаш на Макфест ја испеа легендарната Бисера Велетанлиќ, денес, после 33 години повторно ги оживеа пејачката Бојана Скендеровски заедно со составот „Мерак“.
„Темата беше авангардна и за тоа време, така што решивме многу да не ја менуваме, не сакавме да додаваме или одземаме нешто на некое дело кое е маестрално само по себе. Ја освеживме со мали промени и тоа е се’“, вели Бојана.
Идејата за оваа преработка е на Марио, кој е фронтмен во составот „Мерак“ и кој го потпишува и новиот аранжман.
Првични автори, пак, се хрватскиот композитор Ивица Стамаќ, а текстот е на Зафир Хаџиманов кој Марио го контактирал пред неколку месеци за да побара дозвола за преработка, на што Зафир одговорил со воодушевување, но за жал, не успеа да ја слушне.
„Зафир беше многу среќен што сме се сетиле на оваа песна и со задоволство ни даде дозвола за снимање на оваа преработка, сакаше да ја слушне веднаш штом ќе ја завршиме, но почина непосредно пред да ја промовираме и, за жал, не успеавме да му ја пуштиме“, вели Марио.