Транспарентноста е половина од борбата против корупцијата, тоа е еден од главните постулати врз кои се темелат нашите владини политики, порача на денешната прес-конференција, вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата, Љупчо Николовски.

Тој нагласи дека мерките за поголема транспарентност и отчетност на институциите даваат позитивни резултати и како што кажа, тоа е видливо и во релевантните извештаи.

„Активната транспарентност на министерствата, на Владата и на општините, оваа година споредено со 2016 година, е зголемена за 18 проценти, ова го покажуваат најновите податоци на извештајот за Индекс на активна транспарентност 2021 година на Центарот за граѓански комуникации, поддржан од УСАИД“, истакна вицепремиерот, појаснувајќи дека вкупната активна транспарентност изнесува 63%, за разлика од 2016-та кога била 45%.

„Ако во 2016 година само 24 институции биле во категоријата ‘многу добра’ и ‘добра’ транспарентност, оваа година дури 62 институции се во овие две категории. Во 2016 година само едно министерство било во категориите ‘многу добра’ и ‘добра’ транспарентност. Годинава дури 13 министерства ја подобриле транспарентноста и се искачиле токму во овие две категории. Оваа година, повеќе од половина од институциите се наоѓаат во двете најдобри групи со ‘добра’ и ‘многу добра’ активна транспарентност“, рече Николовски.

Додаде дека Владата од категорија „просечна транспарентност“ во 2016 година со 25 %, оваа година се искачила на 93,5 %, и е во категорија на „многу добра транспарентност“.

Во делот на транспарентноста на општините, според Извештајот, за прв пат конечно една општина има дури 100% активна транспарентност, подобрување е забележано кај 51 општина.

Вицепремиерот посочи дека порастот на транспарентноста е нотиран и во други извештаи за меѓународни рангирања, а дека сите позитивни рангирања, се резултат на владините мерки што се преземаат изминативе четири години.

„Минатата година, се задолжија сите министерства и органи кои одговараат пред Владата, вклучително и сите општини, Градот Скопје и општините во Градот Скопје, во рок од 30 дена на своите веб-страници да ги објават 22-те категории на документи согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Транспарентно се објавени имињата и веќе се спроведува тестот за интегритет на советниците на функционерите“, кажа Николовски.

Тој додаде дека со усвојувањето на планот за борба против корупција, министерствата, органите на управа и општините, задолжително треба да назначат овластено лице за прием на пријави заради заштитено внатрешно пријавување, да подготват годишна Антикорупциска програма, како и интерни процедури за спроведување на постапките за јавни набавки и реализација на договорите.

makfax.com.mk