Познатата новинарка и авторка на голем број документарни емисии на МТВ, Оливера Христова-Бошкова, родена чаирчанка, неодамна објави книга со свои сеќавања за некогашниот Чаир, едно од најстарите скопски маала, под наслов „Мојата сага и тага за Чаир“.

Онака како што таа го доживеала и го доживува тој скопски простор, кој е, како што милуваат чаирчани да кажат, „темељот на Скопје“.

Тоа е книга полна со емоции што самите надоаѓаат при соочувањето со минатото, сеќавањето на детството и раната младост, на незаборавните чаирски сокаци, старите куќи и меани, на училишните денови, на маалскиот соседски живот, на дуќаните и занаетите, на љубовите, на чешмите и паркот, на чаирското корзо, на војните и премрежињата, но и на „опојниот мирис на белите багреми од Гази Баба“ и „бадемовите цутови и штотуку полеаните цвеќиња од чаирските дворови“.

Тоа е еден волшебен свет од минатото, полн со шарм и човечка топлина, кој сѐ уште е опсесија на многу скопјани. Таа посебно се задржува на фамилијата Бошкови и на своето потесно семејство. Но истовремено дава и една широка слика на другите чаирски семејства и нивниот живот. Затоа е тешко сите тие ликови и настани дури и да се набројат во еден напис.
Авторката најпрвин се задржува на историјатот на маалото Чаир, неговото потекло од 14 и 15 век, кое честопати, уште од средниот век, се именувало и како Чахар. Потоа ја следи својата лоза од семејството Бошковци, за кое смета дека е едно од првите доселени на тој простор уште со доаѓањето на османлиите.

Тие, како христијанско население што се занимавало со одгледување расни коњи, се доселиле од градот Бурса (најпрвин познат како Пруса и Бруса), од каде што доаѓал и нивниот подоцнежен прекар – Бурсалии.

Од првите доселеници се споменува и познатото семејството Велкови, со прекар Лукареви, од Чаир. Посебно интересен детаљ е податокот дека од Бошковци потекнува и газдата Трпе Бошков, сопственик на славната чаирска „Трпчева меана“. Таа меана е симболот и препознатливоста на стариот Чаир.

Сопственикот Трпче е дедо на Оливера Христова-Бошкова, а нејзин татко е Ганчо Бошков, еден од неговите синови. Затоа авторката голем дел од книгата им посветува на дедото Трпе (кој имал тројца сина и две ќерки) и на поширокото семејство. Нејзиниот татко Ганчо изучил сликарски школи и подоцна станал зограф. По војната работел во Народниот и во Археолошкиот музеј на Македонија. Неговата сопруга Ката е дебармаалка, а во бракот имале четири деца: Владимир, Оливера, Славица и Кирил.

Сопругата на Трпе, Павлинка, исто така потекнувала од Чаир, од семејството Клисарови, кај Саук-чешма. Клисарови, познати фотографи и златари, оставиле траен белег во Чаир и во Скопје.

И уште едно семејство е поврзано со Бошкови, тоа се Рибарови. Своевремено имале дуќан и тргувале со кожа покрај Серава, а подоцна и со чевли во Старата скопска чаршија.

Нивната куќа постоеше до неодамна во Пајко Маало, кај црквата „Св. Богородица“. Божин Рибаров бил оженет за помалата сестра на дедото Трпче, Александра. „Трпчевата меана“ се наоѓала од десната страна на денешниот булевар Цветан Димов во Чаир, на патот што води кон Гази Баба.

На тој простор била и улицата со нивните семејни куќи. Меаната, во самиот центар на Чаир, била отворена во 1911 година. Тоа бил објект на стара турска стражарница, која Трпче ја преадаптирал за новите потреби. За таа меана и денес се раскажува и прераскажува, бидејќи ја отсликувала душата на Чаир.

Пивото се точело од голем дрвен долап, се пиеле домашно вино и ракија. Во неа се собирал чаирскиот еснаф, се пиело првото утринско кафе, кое било домашно печено, а потоа ситнето и толчено во длабок камен дибек. Тука се договарале зделки, се правеле планови за собирање на летината, се склопувале пријателства, а повремено избивале караници и тепачки. Во меаната бил донесен првиот билјард, затоа доаѓале скопјани и од другите маала.

Основачкото собрание на ФК Балкан било одржано во Трпчева меана на 3 февруари 1921 година. Заслуги за формирањето на клубот имал Ѓорѓија Иванов од чаирскиот еснаф, таткото на познатиот писател Благоја Иванов. Авторката зборува и за тешките времиња, за дивеењето на разните пропаганди, кога се случувало двајца браќа да бидат регрутирани во две различни војски.

Посебно се задржува на народниот херој Цветан Димов, кој живеел недалеку од нивната куќа, а кој го изучувал шнајдерскиот занает кај Саук-чешма. Неговиот благороден човечки лик и херојската смрт се трајно запишани во македонската историја.

Чаирчани, како познати мераклии за музика и дружење, имале и музички групи, познатите „серенадџии“. Една весела музичка тајфа носела необично име „Т’м – т’м“, составена исклучиво од музичари што биле занаетчии, а името ѝ го дал Симе Американецот. Често свиреле во „Трпчевата меана“. Чаирчанецот наречен Лазо Кривавилица имал свој оркестар од свирачи и пејачи, а тој самиот свирел на прим.

Васил Хаџиманов доаѓал дури од Кавадарци во „Трпчева меана“ за да ги запише старите македонски љубовни песни. Не треба да се заборави и маалскиот црковен хор при црквата „Св. Ѓорѓи Победоносец“, кој го раководел Трајко Шуплев, а дел од членовите подоцна му се приклучиле на хорот на Македонската опера.

Чаирчаните биле и „големи монденци“, ја следеле модата посетувајќи ја често продавницата за штоф на Павле Васиќ („мода по мера“). Авторката посебно зборува за соседските семејства и нивната заемна блискост: семејствата на Коце Тито, Велко бојаџијата, семејството на Ангеле и Цвета, таткото и мајката на познатиот Љупчо од „Дал Фуфо“, семејството на Чеповци, на Јосиф фурнаџијата, на аџи Љуба и Петре.

Во своите записи, Христова-Бошкова изразува нескриена тага за стариот Чаир, кој исчезнал, велејќи: „Ќе ги ставам на хартија моите сеќавања за Чаир… ќе ги запишам и добрите и лошите ветришта кои провеале и како виор поминале низ Чаир, растурајќи ги неговите семиња и мириси како низ Скопје, така и подалеку“.

Данило Коцевски