Општина Карпош и Министерството за одбрана се двете институции во државата кои имаат максимални 100 проценти за транспаретност, односно ги објавуваат сите предвидени информации, информираат од оваа скопска општина повикувајќи се на резултатите од Индексот на активна транспаретност што го изработува Центарот за граѓански комуникации.

„Ова го објави Центарот за граѓански комуникации за активната транспарентност која годинава е претставена на специјално изработената веб-страница, со преглед на сите опфатени институции, но и на индивидуалните резултати за секоја институција од 2016 годинава наваму“, се наведува во соопштението од општина Карпош.

Од таму појаснуваат дека според наодот на Центарот за граѓански комуникации, активната транспарентност на Општина Карпош во 2021 година изнесува максимално можни 100 % , со што, како што велат, општината се наоѓа во групата институции со „многу добра“ активна транспарентност (исполнување на обврските од 80 % до 100 %).

„Со овие бодови, општината се наоѓа на највисоката позиција од вкупно 98 рангирани институции. Оваа општина од скопскиот регион постојано ја унапредува својата активна транспарентност од 2018 година наваму, за годинава да стане најдобра и во својот регион и меѓу сите општини“, се вели во деталните податоци на Центарот, според кои, во текот на испитаниот период транспарентноста на Карпош е зголемена за 45,5 насто.

Индексот на активна транспарентност се реализира во рамки на активноста „Јавно трошење за јавно добро“, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Целта е да се зголеми ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.

makfax.com.mk